Грција планира да ги прошири своите територијални води, што би можело да ги продлабочи тензиите со Турција во Егејското Море и дополнително да ги комплицира односите во рамките на НАТО.
Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис, одговарајќи на прашања во парламентот, денес изјави дека се очекува понатамошно проширување на грчките територијални води, пренесува Ројтерс.
„Денес, нашиот суверенитет во Егејското Море се протега на шест наутички милји. Исто како што имаше договор со Египет, исто како што имаше договор со Италија, ќе има понатамошно проширување на територијалните води“, истакна грчкиот министер.
Во 1995 година, турскиот парламент прогласи „casus belli“, односно причина за војна, ако Грција еднострано ги прошири своите води над шест наутички милји во Егејското Море.
Герапетритис не прецизираше кои поморски области би можеле да се прошират.
Грција веќе ги прошири своите територијални води во Јонското Море од шест на 12 наутички милји, по договорот со Италија, и потпиша договор за поморска демаркација со Египет во источниот Медитеран, но избегнуваше слични потези во Егејското Море, на што силно се спротивстави Анкара.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата