logo
logo
logo

СЗО АЛАРМИРА: Епидемијата на ебола во Конго се заканува да стане НАЈСМРТОНОСНАТА во историјата

Vecer | 13.08.2026

СЗО АЛАРМИРА: Епидемијата на ебола во Конго се заканува да стане НАЈСМРТОНОСНАТА во историјата

Актуелната епидемија на ебола во Демократска Република Конго со сегашното темпо би можела да ја надмине најсмртоносната епидемија на оваа болест забележана досега, предупреди генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Адханом Гебрејесус.

Гебрејесус истакна дека оваа епидемија би можела да ги засенчи црните рекорди од периодот меѓу 2014 и 2016 година, кога од вирусот починаа повеќе од 11.000 луѓе. Овогодинешната епидемија, која официјално беше прогласена на 15 мај, досега опфати најмалку 4.300 заразени лица, додека над 2.000 луѓе веќе го загубија животот.

Вирусот се ширел со месеци под погрешна дијагноза

Од СЗО се надеваат дека ширењето на болеста би можело да се стави под контрола во рок од три месеци, но предупредуваат дека тоа подразбира само контрола врз преносот, а не и целосен крај на епидемијата.

Иако еболата официјално беше прогласена во мај, здравствените власти откриваат дека ширењето веројатно започнало уште во февруари, но заболените првично погрешно биле дијагностицирани со маларија или стомачен тифус.

„Ние го бркаме вирусот, а тој е чекор пред нас“, изјави директорот на СЗО за Африка, д-р Мохамед Јанаби, на конференција за новинарите во градот Бунија, во близина на жариштето.

Редок сој без одоберана вакцина и лек

Оваа епидемија е предизвикана од реткиот сој на вирусот ебола, Bundibugyo, кој досега беше одговорен за само две познати епидемии (во 2007 и 2012 година). За овој специфичен сој моментално не постои одобрена вакцина ниту официјално признат лек.

Контролата на терен е дополнително отежната поради долготрајните оружени конфликти и нестабилноста во источниот дел на ДР Конго. Поради тоа, здравствените работници успеваат да стигнат до едвај 30 проценти од заболените.

Еболата е ретка, но извонредно смртоносна болест што се пренесува преку контакт со телесни течности. Симптомите се јавуваат од 2 до 21 ден по инфекцијата — започнува со треска, главоболка и замор, а во потешките фази доаѓа до повраќање, дијареја и откажување на органите.

Единствена позитивна вест е што Британската регулаторна агенција за лекови (MHRA) даде зелено светло за почеток на првите клинички испитувања на вакцина против сојот Bundibugyo врз луѓе.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk