Унгарскиот парламент го усвои 17-тиот амандман на Уставот со кој се прекинува мандатот на претседателот на државата, Тамаш Шујок. Новата власт предводена од премиерот Петер Маѓар го смета претседателот за еден од главните заштитници на системот на поранешниот премиер Виктор Орбан.
За промената гласаа 139 пратеници на владејачката партија Тиса, која на изборите на 12 април освои двотретинско мнозинство. Пратениците на Орбановиот Фидес ја бојкотираа седницата. Претседателот Шујок има рок од пет дена да го потпише амандманот, а премиерот Маѓар веќе најави дека доколку тој се обиде да го блокира законот, веднаш ќе започне процедура за негов импичмент и автоматска суспензија.
Покрај претседателот, уставните измени воведуваат старосна граница од 70 години за судиите, што значи и итно заминување на претседателот на Уставниот суд, Петер Полт, кој исто така е човек на Орбан. Пакетот предвидува и ограничување на пратеничките мандати на 12 години, како и формирање тело за истрага на финансиските злоупотреби на претходната влада.
Фидес ги обвини новите власти за „тиранија“ и разнебитување на демократијата. Сепак, аналитичарите коментираат дека најголемата иронија е што Фидес стана жртва на сопствениот систем од 2011 година, кога уставија правила според кои двотретинското мнозинство може преку ноќ да ги менува основните државни правила. Ако Шујок потпише, парламентот веднаш ќе избере нов претседател, во спротивно Унгарија влегува во најтешката институционална криза.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата