Русија го забрани транзитот на пилешко месо и нуспроизводи од живина од сите земји на Европската Унија, по откривањето на илегална пратка со фалсификувани ветеринарни потврди која била наменета за Узбекистан.
Како што соопшти руската федерална служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор „Роселхознадзор“, забраната стапи на сила вчера, а нејзината цел е да се спречи пренос на епизоотски болести и да се заштитат потрошувачите.
Детали за спорната пратка
Од руската федерална служба наведуваат дека истрагата открила нелегален транспорт на нуспроизводи од пилешко месо, кои наводно биле со германско потекло, а транзитирале преку Полска.
Пратката ја преминала границата на Евроазиската економска унија (ЕАЕУ) со камион со полски регистарски таблички и со фалсификувани ветеринарни сертификати, по што преку руска територија била испорачана во Узбекистан.
„Врз основа на анализата на нашите информациски системи и добиениот одговор од германската ветеринарна служба, утврдено е дека спорниот производ е со целосно непознато потекло“, истакнуваат од „Роселхознадзор“, додавајќи дека веќе побарале од властите во Узбекистан да го откријат крајниот испраќач.
Забраната останува до преговорите со Брисел
Производите што биле испратени заклучно со 5 август ќе можат да транзитираат низ територијата на Русија уште во текот на денешниот ден.
Од руската служба нагласуваат дека ограничувањето на транзитот ќе остане на сила сè додека не се одржат преговори со Европската комисија и не заврши целосната истрага за утврдените прекршоци.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата