Фабриките во Европа што произведуваат оружје за Украина се потенцијални воени цели за Русија, изјави во среда портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Захарова на прес-конференцијата изјави дека европските земји се директно вклучени во конфликтот преку воена поддршка на Украина, додавајќи дека ваквите активности го одложуваат крајот на војната.
Тоа беше нејзиниот одговор на прашањето за подготвеноста на Полска да изгради фабрика за производство на пресретнувачки ракети за системот „Патриот“ за Украина на нејзина територија.
- Фабриките за оружје во европските земји што произведуваат оружје за Украина се потенцијални воени цели за Русија и не треба да се мисли дека воените фабрики надвор од украинската територија што произведуваат оружје за режимот во Киев ќе бидат безбедни. Секој што мисли така греши, рече Захарова.
- Европските земји се директно вклучени во украинскиот конфликт. Тие не само што даваат помош. Со отворање фабрики за оружје и заеднички вложувања, тие се целосно вклучени. А тоа само го одложува решавањето на конфликтот, наместо да помага, како што мислат или замислуваат некои сили во Европа, додаде таа.
НАТО и многу европски земји изјавија дека ќе продолжат да ја поддржуваат Украина и да ѝ помагаат да ги потисне руските сили и да продолжат да соборуваат руски беспилотни летала и ракети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата