Највисокиот верски авторитет во Саудиска Арабија им нареди на војниците во кралството да бидат подготвени да ги положат своите животи во борбата против јеменските Хути сè додека оваа група целосно не биде отстранета од власт, објави саудиската државна новинска агенција, повикувајќи се на извештаите на светските медиуми.
Станува збор за исклучително редок и остра истап на големиот муфтија, шеикот Салех бин Фавзан Ал-Фавзан, упатен до војниците на границите на земјата. Муфтијата во својата порака директно се повикува на куранските ајети и изреките на пророкот Мухамед за жртвувањето и борбата на божјиот пат, по неделите жестоки судири во кои бунтовничката група ја засипува Саудиска Арабија со дронови и ракети, додека Ријад возвраќа со воздушни напади.
– Заштитата на оваа голема нација и казнувањето на секој што ќе се обиде да стави рака на макар педа од нејзината територија се меѓу најголемите должности и најплеменитите дела на побожност, за кои животите и душите можат да се жртвуваат во барањето на божјото задоволство, порача муфтијата, додавајќи дека војниците на првата линија ги бранат светите места на муслиманите.

Ескалација на теренот и скок на цените на нафтата
Верскиот повик доаѓа во момент кога конфликтот на теренот нагло ескалира. Саудиска Арабија соопшти дека пресретнала шест балистички проектили испукани кон западот на земјата и пристаништето Јанбу на Црвеното Море, додека бунтовничката страна тврди дека гаѓала мети во самиот Ријад и нафтените постројки на „Сауди Арамко“. Поради новите напади, цените на нафтата на светските пазари веднаш скокнаа за околу три отсто.
Стравувањата од прекин на испораката на нафта се сè поголеми бидејќи честите напади го загрозуваат извозот преку Црвеното Море, и тоа во време кога е оневозможен преминот низ стратешкиот Хормушки теснец. Бунтовниците прогласија поморска блокада на Саудиска Арабија, а на мета се најдоа и клучни нафтоводи.
Заради новонастанатата ситуација, Ријад најави итен состанок на началникот на штабот со претставници на Турција и Пакистан во рамките на заедничкиот одбранбен пакт, иако во Пакистан расте загриженоста од можноста земјата да биде вовлечена во долготраен и крвав конфликт на Блискиот Исток.
Хутите го контролираат клучниот морски премин
Главната причина за аларм во Ријад е фактот што бунтовничките сили во брза и силовита офанзива ја прегазија целата западна област на Јемен, избивајќи на бреговите на стратешкиот теснец Баб ел-Мандеб, еден од најважните светски поморски правци.
Службената влада на Јемен во Обединетите нации отворено предупреди дека со контролата на морскиот премин бунтовниците „го држат целото светско стопанство за заложник“. Воени аналитичари предупредуваат дека оваа јеменска бунтовничка војска прераснала во една од најопасните сили во проиранската мрежа, покажувајќи се крајно радикална и технички способна, поради што досегашните меѓународни интервенции и санкции не дадоа никаков резултат, принудувајќи го саудискиот врв да посегне по ретки верски прогласи и воена мобилизација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата