Украина се наоѓа пред судбоносна пресвртница и ризикува постепено да ја изгуби војната против Русија доколку Киев под итно не спроведе длабоки стратешки и институционални промени, драматично предупреди сменетиот украински министер за одбрана, Михајло Федоров.
Во интервју за Reuters, Федоров порача дека Украина има прозорец од само неколку месеци за да донесе одлуки кои можат да го пресвртат текот на војната. Тој упати невообичаено остри критики кон власта, истакнувајќи дека државниот апарат во моментов функционира со едвај 5% ефикасност и дека земјата е кочена од длабока корупција, клиентелизам и недостаток на визија за победа.

Овие тврдења предизвикаа експресна и жестока реакција од Кабинетот на претседателот Володимир Зеленски, од каде порачаа дека Федоров додека бил на функција давал исклучително розови слики за ситуацијата, а единственото нешто што се променило е неговиот личен статус откако ги изгубил фотелјата и моќта.
Предупредувањето на Федоров доаѓа во исклучително тежок момент на фронтот. Русија секојдневно испалува десетици балистички ракети врз украинските фабрики и складишта, а Украина има критичен недостиг на ПВО-ракети за нивно соборување. Додека проредените украински ровови сè почесто се пополнуваат со немотивирани регрути, Москва полека, но стабилно напредува во Донбас.
Сменатa на Федоров, која претходно предизвика и бранови протести низ Украина, сега прерасна во отворен политички судир со Зеленски. Билниот министер побара одржување избори и во услови на воена состојба, што Зеленски одлучно го одби, оценувајќи дека тоа би ја уништило земјата одвнатре. Федоров најави дека заминува за САД каде ќе бара поддршка за воено-технолошки фондови, без да исклучи и идни претседателски амбиции.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата