Шпанската полиција објави фотографии од најголемата заплена на кокаин во европската историја откако пресретна брод во близина на Канарските Острови на почетокот на мај.
На 1 мај, членови на елитната единица Гвардија Цивил се качија на бродот Аркониан, долг околу 90 метри, кој плови под знамето на Комора, и пронајдоа 27 тони кокаин.
Вредноста на конфискуваната дрога беше проценета на повеќе од 812 милиони евра.

Објавени фотографии од огромни количини дрога
Денес, полицијата објави фотографии од огромната количина конфискуван кокаин нареден на пристаништето во Мадрид, како и оружјето пронајдено на бродот.

Високиот суд во Шпанија објави дека сите 23 члена на екипажот завршиле во притвор без можност за кауција.
Меѓу нив се шест холандски и суринамски државјани кои беа пронајдени скриени од полицијата за време на рацијата на бродот, додека другите 17 члена на екипажот се од Филипините.

Европски рекорд соборен
Оваа заплена го надмина претходниот европски рекорд од 22,7 тони кокаин, запленети во Хамбург, Германија, во јуни 2024 година.
Во исто време, таа го дуплираше претходниот рекорд во Шпанија, кога минатата година во пристаништето Алхесирас беа пронајдени 11,8 тони кокаин во пратка банани од Еквадор.

Истражителите, кои соработуваат со американските и холандските власти, веруваат дека дрогата требало да биде транспортирана во Шпанија со глисери.
Бродот отпловил од Сиера Леоне
На бродот биле пронајдени и огнено оружје и муниција.
Судот одреди притвор без кауција поради сериозноста на злосторствата, ризикот од бегство и можноста за продолжување на криминалните активности за време на истрагата.
На 22 април, „Аркониан“ отпловил од Фритаун, главниот град на Сиера Леоне, и бил пресретнат од страна на Гардија Цивил во Северниот Атлантик помеѓу Северна Африка и Канарските Острови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата