Транспортен авион на американското воено воздухопловство C-17A Globemaster III слета утринава на московскиот аеродром Внуково. Авионот полетал од Рига во Латвија, а американските воени и владини претставници не ја објавија причината за летот, пишува Defence Blog.
Според податоците на сервисот Flightradar24, авионот со повикувачки знак REACH4555 и регистрација 07-7181 полетал од Рига околу 8:50 по московско време. Слетал во Русија нешто по 10 часот. Податоците ги пренесе и рускиот медиум РБК. Објавените патеки на летот покажуваат дека авионот преминал преку Латвија и Литванија пред да влезе во рускиот воздушен простор и да слета на Внуково.
Потврда и шпекулации
Корисниците на платформата Х кои ги следат летовите првично се сомневаа во точноста на податоците, бидејќи забележаа недоследности во автоматското следење на позицијата. Меѓутоа, профилот Coffe Report подоцна објави дека позицијата на авионот е потврдена преку ACARS порака и дека Flightradar24 го забележал целиот приод и слетување. Американското воено воздухопловство и Министерството за одбрана не објавија официјални информации за целта или дестинацијата на летот. Истиот профил, Coffe Report, се повикува на неименувани извори од платформата Х и наведува дека станува збор за мисија со ознака „SECDEF support“. Ваквата шифра обично значи дека летот е поврзан со патување на раководството на Министерството за одбрана или за логистичка поддршка, но оваа информација не е независно потврдена.
Рута на авионот и контекст
Податоците анализирани од Brit Brief откриваат дека патувањето на авионот започнало на 22 август во САД. Прво летал од базата McGuire-Dix-Lakehurst во Њу Џерси до базата Чарлстон во Јужна Каролина. Еден ден подоцна продолжил од Чарлстон до базата Ендрјус во Мериленд, од каде полетал за Рига.
Аеродромот Внуково, трет најфреквентен во Русија, и за време на војната во Украина повремено прима дипломатски и воени летови. И покрај тоа, директните летови на американски воени авиони на руска територија се многу ретки од почетокот на војната во 2022 година.
Слетувањето на американскиот воен авион во Москва предизвика големо внимание на социјалните мрежи, со оглед на состојбата на американско-руските воени односи. Контекстот на посетата, меѓутоа, останува непознат. C-17 е тежок транспортен авион кој се користи за превоз на товар и војници, но и за дипломатски мисии или превоз на високи функционери.
Ниту американските ниту руските претставници не објавија информации за причината за летот, патниците во авионот, како ни за времетраењето на неговиот престој на аеродромот Внуково.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата