Велика Британија и Германија предупредија на растечката закана што ја претставуваат руските и кинеските вселенски сателити, кои постојано се забележуваат како шпионираат сателити на западните земји.
Во последните недели, двете земји ги истакнаа честите случаи во кои Русија ги следи и се меша во работата на нивните сателити во вселената, објавува CNN.
„Руските активности, особено во вселената, претставуваат фундаментална закана за сите нас. Закана што повеќе не можеме да ја игнорираме“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус на конференцијата за вселенска индустрија во Берлин во септември.
Прекинувањето на комуникациските сателити може да влијае на сателитските снимки, телекомуникациите и широкопојасниот сателитски интернет, додека попречувањето на навигацијата може да ги загрози воените операции и цивилното воздухопловство, наведува RAND Global Institute.
Предупредувањата доаѓаат во време кога руската инвазија на Украина влегува во третата година.
Украинските власти тврдат дека Москва ја засилила соработката со Кина, при што Пекинг спроведува сателитско извидување на украинската територија во име на Русија.

Писториус рече дека два руски извидувачки сателити неодамна биле забележани како следат два сателити на IntelSat, кои ги користат германските вооружени сили и нивните сојузници. ИнтелСат е комерцијален давател на сателитски услуги чија флота ја користат влади и компании во САД и Европа.
„Русија и Кина брзо ги проширија своите капацитети за вселенско војување - тие можат да блокираат, заслепуваат, манипулираат или физички уништуваат сателити“, додаде Писториус, најавувајќи зголемување на буџетот за вселенска програма на Германија.
Шефот на британската вселенска команда предупреди дека руските сателити ги следат британските средства во вселената и блокирањето на нивните сигнали стана седмична појава.
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, исто така, предупреди дека Русија развива вселенско нуклеарно оружје дизајнирано да ги онеспособи сателитите.
САД и Франција предупредуваат за руските вселенски активности повеќе од 10 години. Експертите проценуваат дека Кина е исто толку сериозна, ако не и поголема закана од Русија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата