Европските дипломати и високи функционери не веруваат дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен сериозно да преговара за крај на војната во Украина, иако американскиот претседател Доналд Трамп силно турка кон постигнување договор, пишува порталот „Политико“.
Ваквата оценка преовладува меѓу сојузниците на Киев по обновувањето на мировните разговори со посредство на САД, а впечатокот на европските претставници кои на маргините ја следеа минатонеделната трилатерална средба меѓу Вашингтон, Киев и Москва во Абу Даби е дека процесот не води никаде и би можел повторно да пропадне. И покрај длабокиот скептицизам и фактот што сè уште не е закажан датум за нова рунда преговори, европските лидери сепак учествуваат во процесот поради стравот дека при евентуален колапс Трамп би можел едноставно да се спогоди директно со Путин и да им сврти грб на Украина и на Европа.
Минатонеделните дводневни разговори во Абу Даби, први од февруари наваму, меѓу украинската и руската делегација со пратениците на Трамп, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, донесоа само начелно ветување за размена на затвореници, но без суштински отстапки од руска страна. Францускиот претседател Емануел Макрон оцени дека последните дискусии јасно покажале оти Путин не сака мир, туку се обложува дека ќе ја фрли Украина на колена преку засилени напади врз цивилната инфраструктура, мостовите и енергетската мрежа во пресрет на зимата. Додека германски и британски функционери отворено порачуваат дека Русија би можела да ја запре војната уште денес доколку навистина го сака тоа, аналитичарите од Европскиот совет за надворешни односи објаснуваат дека Киев и европските престолнини всушност учествуваат во „преговарачки театар“ за да се покажат конструктивни пред Трамп, со цел вината за евентуалниот неуспех да падне врз Москва, а не врз нив.
Дополнителна загриженост во Брисел и европските метрополи предизвикува најавената средба во живо меѓу Трамп, Путин и кинескиот лидер Си Џинпинг кон крајот на оваа недела, поради стравувањата дека големите сили би можеле да кројат нова безбедносна архитектура на стариот континент без присуство на Европејците во просторијата. Откако Кушнер и Виткоф отпатуваа во Москва за да побараат „благослов“ од Кремљ за вклучување на пет европски земји и претставници на ЕУ во следната фаза од разговорите, руската страна повторно ги обвини Европејците за саботажа и инсистира на ревизија на проширувањето на НАТО. Нордиските и балтичките држави, предводени од норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, се децидни дека распоредувањето на силите на НАТО и безбедносните гаранции на Алијансата воопшто не смеат да бидат тема на преговори со Путин, оставајќи минимален простор за каков било реален компромис.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата