Дигиталните реклами можеби биле користени како алатка за шпионирање. Израелската компанија „Дискавер-Теч“ (Discover-Tech) се најде под сомнение дека преку интернет-огласување ја откривала локацијата и ги следела активностите на корисниците на сателитскиот интернет „Старлинк“. Според истрагата на експертите за сајбер безбедност, компанијата била меѓу најголемите огласувачи насочени кон корисниците на оваа мрежа во повеќе од 100 земји, објави „Ројтерс“.
Истражувачите во „ТрендАИ“, дел од јапонската компанија за безбедност „Тренд Микро“, заклучија дека „Дискавер-Теч“ стана еден од најголемите светски добавувачи на реклами што им се сервираат на корисниците на „Старлинк“. Во повеќе од 100 земји беше најголем понудувач за рекламен простор на сообраќај поврзан со Старлинк, вклучувајќи ги и земјите каде што услугата е забранета или ограничена.
Рекламите како алатка за следење
Системите за интернет рекламирање работат така што огласувачите во делот од секундата лицитираат за простор во апликациите и интернет прелистувачите. За време на овој процес, понудувачот може да добие информации за корисникот на кого му се прикажува рекламата.
Истражувачите се сомневаат дека „Дискавер-Tеч“ не го користел системот за класично рекламирање, туку како инфраструктура за следење. Ваквите податоци можат да се собираат на долг рок, да се поврзат со други извори и да се користат за откривање на идентитетот на корисниците, следење на нивната активност на Интернет, а во некои случаи и за подготовка на напади со шпионски софтвер.
„Старлинк“ е важен во војните
Можноста за следење на корисниците на „Старлинк“ е сè поинтересна за земјите и разузнавачките служби бидејќи сателитскиот интернет може да ги заобиколи националните телекомуникациски мрежи и локалните ограничувања за пристап до интернет.
„Старлинк“ се користи во кризни и воени зони и е особено важен за Украина. Украинската војска се потпира на тоа за комуникации на бојното поле и управување со напади со беспилотни летала.
Во мај, „Хаарец“ и „Интелиџенс онлајн“ одделно објавија дека компании во израелска сопственост нудат технологии за идентификување и следење на корисниците на „Старлинк“ до потенцијални клиенти. Потоа, „Хаарец“ изјави дека податоците од дигиталното рекламирање играат важна улога во ваквите системи.
Најголемиот понудувач во Сирија, Либија и Јемен
„ТрендАи“ наведе необични модели на наддавање реклами како еден од клучните докази. „Шедо-Ерт-79“ беше најголемиот купувач на рекламен простор во Сирија, Либија, Јемен и Јужен Судан, а втор по големина во Авганистан.
Истражувачите истакнаа дека побарувачката за легитимно западно рекламирање во санкционираните држави и активните воени зони е речиси непостоечка. Истиот субјект постигна особено голем удел во аукциите за рекламирање во Унгарија, Израел, Египет, Азербејџан и Венецуела.
Таквиот модел, според „ТрендАИ“, е посоодветен за таргетирање и следење на инфраструктурата на корисникот отколку за нормалното комерцијално рекламирање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата