logo
logo
logo

Кина повлекува над 4 милиони возила поради ОПАСНОСТ ОД СКРИЕНИТЕ РАЧКИ НА ВРАТИТЕ

Vecer | 24.08.2026

Кина повлекува над 4 милиони возила поради ОПАСНОСТ ОД СКРИЕНИТЕ РАЧКИ НА ВРАТИТЕ

Кина иницираше повлекување на повеќе од четири милиони возила поради безбедносни проблеми со скриените рачки на вратите кои се вовлекуваат во каросеријата. Мерката опфаќа 2,98 милиони автомобили на Tesla произведени во Кина, а повод се поплаките дека таквите рачки тешко се наоѓаат и користат во итни ситуации. Освен за Тесла, повлекувањето се однесува и на модели на кинеските производители XPeng, Xiaomi и Geely, пишува Би-би-си.

Проблематичен дизајн

Скриените рачки, кои ги популаризираше директорот на Тесла, Илон Маск, се дизајнирани така што се порамнети со вратата и се извлекуваат дури кога сопственикот ќе се приближи до автомобилот. Овој дизајн стана предмет на истрага по две сообраќајни несреќи со смртен исход во Кина во кои учествуваа електрични автомобили на Xiaomi. Постои сомнеж дека во тие случаи прекинот на струја оневозможил отворање на вратите.

Реакцијата на Тесла

Тесла во петокот соопшти дека повлекува дел од своите модели Model 3, Y, S и X. Како причина наведуваат дека рачките се „тешко препознатливи и со нив тешко се управува бидејќи бојата им е слична со внатрешноста“. Од компанијата истакнуваат дека тоа би можело да ги спречи патниците или спасувачите брзо да ги отворат вратите во итни ситуации, на пример при „тежок судир што предизвикува дефект на нисконапонскиот систем на возилото“.

Од Тесла најавија дека на повлечените возила ќе постават налепници со предупредување и ќе објават софтверска надградба која автоматски ќе ги спушти прозорците по судир. Засега не е познато дали и другите компании планираат слични повлекувања надвор од Кина.

Копирање на дизајнот и привремени решенија

Ту Ле, основач на консултантската компанија Sino Auto Insights, изјави дека употребата на скриените рачки се проширила откако кинеските производители почнале да го копираат елегантниот изглед на Model S на Tesla од 2014 година. Тој смета дека налепниците и софтверската надградба се привремено решение, а не траен одговор на проблемот.

Нови правила во Кина

Кинеските власти уште во февруари најавија забрана за скриените рачки. Новите правила стапуваат на сила на 1 јануари 2027 година и пропишуваат дека во Кина ќе можат да се продаваат само автомобили кои имаат механичко отворање на вратите од внатрешната и надворешната страна.

Истрага и во САД

Рачките на Тесла ги истражуваат и американските регулатори по пријавите дека ненадејно престанувале да работат, поради што деца останувале заробени во возилата. Американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата (NHTSA) во јули предложи нов безбедносен стандард за сите производители на автомобили.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk