Неформалната средба меѓу претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, и рускиот претседател Владимир Путин, одржана денеска на маргините на самитот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК) во кинескиот град Шенжен, заврши по приближно 40 минути, јави „Индепендент“.
Белата куќа ја оквалификува средбата како неформален разговор на страна („pull-aside“), што претставува помалку формален дипломатски формат во споредба со официјалниот билатерален состанок, иако на средбата Трамп пристигна во придружба на државниот секретар Марко Рубио и министерот за финансии Скот Бесент.
На самиот почеток од средбата, по срдечното ракување, американскиот претседател упати пофални зборови за својот однос со рускиот лидер, нарекувајќи го свој пријател и изразувајќи оптимизам за исходот од разговорите. Покажувајќи кон Путин при средбата, Трамп запрашал кој е тоа и веднаш додал дека станува збор за негов пријател, потсетувајќи дека двајцата се познаваат долго време и со години негуваат одличен однос, поради што верува дека од овој разговор можат да произлезат многу добри работи или барем да се означи почеток на нешто значајно. Во рамките на самитот во Шенжен, за денеска е најавен и долгоочекуваниот трилатерален состанок на Трамп и Путин со кинескиот претседател Си Џинпинг.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата