Бившиот премиер на Франција, Едуар Баладур, почина во Париз на 97-годишна возраст, објавија официјални француски извори.
Баладур, кој беше на чело на француската влада од март 1993 до мај 1995 година, остави длабока трага во поновата политичка историја на Петтата Република, но и во контроверзните поглавја на европската дипломатија за време на распадот на поранешна Југославија и агресијата врз Босна и Херцеговина, пишува „Кликс“.
Веста за неговата смрт ја потврди францускиот премиер Себастијан Лекорну, истакнувајќи дека Баладур бил истакнат државник чија работа е тесно поврзана со половина век од француската политичка историја. Повод неговата смрт се огласи и претседателот Емануел Макрон, опишувајќи го како „барателен, смирен и лојален јавен службеник“.
Едуар Баладур е роден на 2 мај 1929 година во Измир, Турција, во семејство со ерменско потекло кое во 1930-тите се преселило во Марсеј. Студирал на престижната Национална школа за администрација (ENA), а политичката кариера ја градел како близок соработник на претседателот Жорж Помпиду.
Текoм на 1980-тите стана една од клучните фигури на конзервативната десница. Како министер за финансии во владата на Жак Ширак од 1986 до 1988 година, тој беше главниот архитект на опсежната програма за приватизација на државните претпријатија во Франција.
Неговиот најзначаен политички момент се случи во март 1993 година, кога социјалистичкиот претседател Франсоа Митеран го именуваше за премиер, со што започна периодот познат како „втора кохабитација“. Баладур остана на таа позиција до пролетта 1995 година. Неговата одлука да се кандидира за претседател во 1995 година против својот долгогодишен политички сојузник Жак Ширак предизвика длабок и долготраен раскол внатре во француската десница. По поразот во првиот круг од изборите, се повлече од највисокиот политички ешалон, иако остана влијателна личност и автор на бројни политички и историски анализи.
Главен столб на надворешната политика на Баладур кон Босна и Херцеговина беше строго спротивставување на укинувањето на ембаргото на ОН за увоз на оружје во Република Босна и Херцеговина. Додека Соединетите Американски Држави и американскиот Конгрес сè повеќе заговараа укинување на ембаргото со цел да ѝ се овозможи на Владата во Сараево и Армијата на РБиХ уставното право на самоодбрана, Баладур и неговиот кабинет цврсто се спротивставуваа на таквиот сценарио.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата