Франција оваа година очекува најслаба берба на грозје во последните неколку децении. Површината под лозови насади е намалена, а големите жештини и сушата ги оштетија лозата и грозјето, објави француското Министерство за земјоделство. Според првичната проценка на министерството, Франција оваа година би требало да произведе 33,9 милиони хектолитри вино, што е за шест проценти помалку од минатата година и 17 проценти под просекот од последните пет години.
Пролетното време беше поволно, но летната суша и топлинските бранови ја оштетија лозата и ги намалија приносите, наведува министерството. „Почвата дополнително се исуши во целиот регион, а топлинските бранови во одредени области предизвикаа изгореници од сонцето, сушење, опаѓање на лисјата и сушење на зрната, со што се намали количеството на обрано грозје“, се вели во соопштението. Овогодишната слаба берба се надоврзува на лошите резултати од 2024 и 2025 година.
Во Шампањ производството би можело да се преполови
Производството во Шампањ би требало да се преполови во споредба со 2025 година, прогнозираат од министерството. Во регионот Бургундија-Божоле би требало да биде помало за една третина, а во Вал де Лоар и Шарант за 12, односно шест проценти. Лангдок-Русијон, најголемиот француски лозарско-винарски регион, би требало пак да произведе пет проценти повеќе вино од минатата година, иако проценката ги одразува слабите резултати од 2025 година и принос кој и понатаму е под просекот.
Во Бордо исто така се очекува закрепнување на производството од 10 проценти во споредба со 2025 година, бидејќи дождовите на крајот на август ги ублажија последиците од сушата, но резултатот и понатаму ќе биде значително под петгодишниот просек. Франција е традиционално најголемиот светски извозник на вино според вредноста на извозот.
Лозовите насади се намалуваат
Површината под лозови насади оваа година е намалена за 2,5 проценти, со што продолжува трендот на искрчување со кој винарите се обидуваат да ја прилагодат прекумерната понуда на послабата побарувачка. Овогодишните летни жештини им наштетија на насадите и пасиштата низ цела Франција и ја доведоа во прашање и испораката на вода. Владата во петокот најави пакет итна помош за земјоделците вреден повеќе од една милијарда евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата