Евентуалниот договор меѓу Иран и Оман, со кој би се настојувало да се стави крај на петмесечната војна меѓу Иран и Соединетите Американски Држави, би можел да му даде контрола на Техеран врз сообраќајот на бродовите што влегуваат во Персискиот Залив преку Ормускиот Проток, наведуваат ирански и регионални извори. Ваквиот договор би претставувал еден од најголемите отстапки за Иран досега, но американската страна засега не го коментираше предлогот. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека договорот за повторно отворање на протокот е блиску, додека американските официјални лица повеќепати истакнаа дека Вашингтон никогаш не би прифатил Иран да го контролира пристапот до една од најважните светски рути за транспорт на енергенси.
Пред избувнувањето на војната, Ормускиот Проток беше слободно отворен за пловидба на сите бродови без надоместоци, а договорот со кој Иран би добил надзор над сообраќајот низ протокот би означил значајна промена во регионалната рамнотежа на силите во корист на Техеран, забележува „Ројтерс“.

Иран и Оман во последните недели водеа билатерални разговори за режимот на пловидба низ протокот, со кој двете земји управуваат преку нивните брегови. Иран објави дека во преговорите е постигнат „голем напредок“ и дека, според можниот договор, бродовите што минуваат низ Ормускиот Проток би влегувале и излегувале од Персискиот Залив преку иранските води.
Иран исто така ги предупреди земјите од Персискиот Залив дека секој нов американски напад врз неговата територија би можел да предизвика одговор насочен кон клучната енергетска инфраструктура во регинот, тврдат пет извори запознаени со разговорите. „Предупредувањето од Иран беше недвосмислено: ако Америка ја нападне иранската инфраструктура, одговорот ќе следи со удари врз енергетските постројки во Заливот и други регионални цели“, предупреди еден од изворите.
Трамп на собир во Лас Вегас изјави дека им дава предност на дипломатските решенија, истакнувајќи дека би сакал да постигне договор бидејќи не сака „да убива луѓе“. Иран објави дека од почетокот на војната на 28 февруари, кога Соединетите Американски Држави и Израел започнаа напади, загинале повеќе од 3.400 луѓе, додека Вашингтон пријави 18 загинати припадници на американската армија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата