Древното египетско пристаниште Аин Сокна на Суецкиот Залив, кое во времето на фараоните служело за треговски увоз на тиркиз, денес е претворено во главен центар на кинеската глобална економска експанзија. Во само неколку години, кинеските инвестиции целосно ја изменија личната карта на овој регион. Сè започна во 2018 година со гигантот „Јуши“, по што следуваше масовен прилив на кинески производители. Индустриската зона Сокна денес опфаќа 12 индустриски паркови во кои функционираат стотици фабрики, а капацитетот на пристаништето е двојно зголемен благодарение на кинескиот капитал.

Оваа економска офанзива не застанува на Блискиот Исток. Во изминатите три години кинеските компании потрошија повеќе од 200 милијарди долари за изградба на фабрики, пристаништа и аеродроми ширум светот, ширејќи ги своите синџири на снабдување од Саудиска Арабија и Бразил, па сè до Индонезија и Европа. Кинескиот модел на експанзија се одвива преку географско распрснување на производствените јазли, пренесување на цели индустриски екосистеми со нивните добавувачи и агресивно инвестирање во стратешки сектори како електрични возила, сончева енергија и опрема за дата-центри за вештачка интелигенција, пишува „The Economist“.

Причините за ова масовно иселување на кинеската индустрија лежат во слабата домашна потрошувачка, жестоката конкуренција во Кина, но и во очајниот обид да се заобиколат американските царини. Наместо да извезуваат директно од Кина или Виетнам, кинеските компании ја префрлаат финалната преработувачка во земји кои имаат подобри трговски договори со САД или нудат посебни поволности, како што е египетската „златна лиценца“ за брзо отворање бизнис.
Овој бран на кинески инвестиции сè посилно го зафаќа и европскиот континент, а посебно е изразен на Балканот. Во Србија, кинескиот гигант „Линглонг“ дополнително ги проширува капацитетите на својата фабрика за авто-гуми во Зрењанин, од каде со делови директно ги снабдува европските автомобилски брендови како „Фолксваген“ и „Форд“. Во исто време, кинески логистички компании веќе управуваат или имаат сопственички удел во над 132 пристаништа надвор од Кина, вклучувајќи ги оние во Грција и Шри Ланка, а активно ја градат и инфраструктурата, како што е бразата пруга меѓу Будимпешта и Белград.
И покрај обидите на Вашингтон да го сопре овој феномен преку нови регулативи и извештаи за сузбивање на нелегалното препакување на стока, кинеската индустриска машинерија се движи со брзина која западната конкуренција тешко може да ја следи. Иако Пекинг неодамна воведе дополнителни домашни контроли за трансфер на технологија, светската економија станува сè поовисна од кинеското производство, без оглед дали стоката излегува од фабричките ленти во кинескиот град Шенжен, во пустините на Египет или во српскиот Банат.
Сепак, овој брутален марш на кинескиот капитал не минува без сериозни потреси и отпор на терен. Во земјите од таканаречениот Глобален Југ, но и на периферијата на Европа, сè почесто избиваат работнички бунтови и скандали поврзани со лошите услови за работа, како што веќе беше случај со виетнамските работници во фабриката во Зрењанин. Во исто време, локалните влади во Бразил и Турција почнуваат да сфаќаат дека стануваат зависни, па воведуваат строги законски пречки и бараат поголем процент од деловите да се произведуваат локално, наместо само да се склопуваат увезените кинески компоненти.

Оваа драматична прераспределба на силите создава и сериозен геополитички расцеп. Додека САД и Европската Унија се обидуваат да ги заштитат сопствените пазари преку високи царински ѕидови и сè поригорозни еколошки стандарди, земјите во развој желно ја прифаќаат кинеската инфузија од свеж капитал. За многу африкански, азиски и латиноамерикански држави, кинеските инвестиции се единствената шанса за брза индустријализација и отворање работни места, дури и кога тоа доаѓа со цена на долгорочна економска зависност од Пекинг.
Истовремено, кинескиот технолошки отпечаток станува речиси невозможен за бришење. Покрај традиционалното производство, Пекинг сè повеќе го контролира и дигиталниот рбет на новата економија. Преку изградба на инфраструктура за оптички кабли, 5G мрежи и специјализирани центри за податоци кои ја напојуваат вештачката интелигенција, посебно во земји како Тајланд и Малезија, Кина поставува основи за доминација и во дигиталната сфера. Западот така се наоѓа пред речиси нерешлива дилема: како да ги санкционира кинеските производи, кога сопствените корпорации и дигитални системи веќе зависат од компоненти произведени во кинеските фабрики ширум светот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата