Москва во рок од само неколку минути испрати две фатални и бескомпромисни пораки до украинското раководство: руското Министерство за одбрана најави драстично засилување на ракетните удари низ цела Украина, додека Кремљ децидно порача дека Русија нема да отстапи ниту од „една стотинка процент“ од територијата на Донбас.
Острото предупредување од руската армија дојде како директен одговор на новата најава од украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој за „Ројтерс“ потврди дека Киев ќе ги интензивира нападите со беспилотни летала врз руските нафтени рафинерии и енергетски постројки.
– По денешната изјава на Зеленски, ударите врз воените и воено-индустриските објекти, како и инфраструктурата поврзана со нив во Киев и другите украински области, ќе бидат значително појачани. Населението во Украина за ова треба да го обвини исклучиво шефот на киевскиот режим, кој сноси целосна лична и политичка одговорност, соопштија од руското Министерство за одбрана.
„Овде нема што да се разговара“
Речиси во исто време стигна и намрштената порака од Кремљ, откако портпаролот Дмитриј Песков отфрли каква било можност за замрзнување на фронтот или отстапување на територии кои Москва ги смета за свои.
– Па макар тоа било половина процент, макар и една стотинка процент. Тоа е Руска Федерација. Овде нема што да се разговара, порача Песков.
Претходно, рускиот претседател Владимир Путин потенцираше дека украинските сили сè уште контролираат околу 11 отсто од територијата на Народна Република Доњецк, изразувајќи целосна сигурност дека руската војска до крај ќе ја исполни својата цел. Со овие најнови потези, просторот за какво било дипломатско смирување на тензиите пред зимскиот период се сведува на апсолутна нула.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата