Идентитетот на еден од клучните и најтајни кинески безбедносни функционери конечно е потврден, делумно благодарение на списокот со гости објавен од Белата куќа.
Споменатиот функционер – препознатлив по очилата и уредната, кратка фризура – во последниве години неколкупати се појавуваше покрај кинескиот лидер Си Џинпинг. Аналитичарите што ја следат Кина долго време претпоставуваа дека станува збор за Џоу Хонгсју, директор на Централното биро за безбедност, агенција со надлежности слични на оние на американската Тајна служба, пренесува Си-ен-ен.
Пекинг никогаш јавно не ја потврди улогата на Џоу, а неговата официјална биографија содржи многу малку детали. Неговата позиција беше официјално потврдена дури откако Белата куќа објави список на кинески гости и нивните функции за неодамнешната државна вечера што американскиот претседател Доналд Трамп ја приреди во чест на Си.
Неговото присуство на толку значаен дипломатски настан го свртува вниманието кон група помлади партиски кадри и безбедносни функционери кои станаа најдоверливите соработници на Си. Сето ова се случува само една година пред следниот национален конгрес на владејачката Комунистичка партија, на кој често се одлучува за клучните позиции.
Снимките од државниот радиодифузер CCTV го прикажуваат Џоу меѓу гостите на државната вечера, облечен во закопчан „костум на Мао“ и стоејќи веднаш зад американскиот државен секретар Марко Рубио.
Џоу се појави во јавноста и претходно овој месец, кога Си се сретна со индискиот премиер Нарендра Моди во Њу Делхи. На официјалните снимки, тој седеше меѓу двајца кинески заменици-министри за надворешни работи, иако државните медиуми не го именуваа и покрај неговата истакната позиција.
Аналитичарите велат дека сè почестите јавни појавувања на Џоу се значајни. „Џоу веројатно е првиот шеф за безбедност што учествува во толку важни дипломатски разговори, барем според јавно достапните информации“, изјави за Си-ен-ен Денг Јувен, поранешен заменик-уредник на „Стади тајмс“ (Study Times) – официјалната публикација на главниот институт на Партијата за обука на кадри.
Денг смета дека појавувањето на Џоу на државната вечера во Белата куќа укажува на тоа дека „Си намерно сакал да го претстави пред јавноста“. „Ако Си свесно му обезбедува таква видливост, тоа би можело да значи дека има намера да му довери поголеми одговорности и дека тој би можело да преземе поважна улога во претстојната транзиција на раководството“, изјави Денг.
Личност подалеку од очите на јавноста
Централното биро за безбедност е една од најтаинствените институции во рамките на огромниот кинески безбедносен апарат. Слично на американската Тајна служба, тоа е одговорно за заштита на највисоките кинески лидери, како и на комплексот Џонгнанхаи во срцето на Пекинг, каде што престојува државното раководство.
Кинеските државни медиуми го опишуваат бирото како „високо специјализирана организација што ги опфаќа и полициската и воената сфера и бара длабока доверба од државното раководство“. Недостатокот на транспарентност во врска со Џоу стана вообичаена практика, бидејќи Пекинг во последните години ја засили контролата врз информациите за клучните функционери – особено за оние што служат директно под раководство на Си.
Кинеската државна новинска агенција „Синхуа“ објави дека Џоу бил избран за делегат на 20-тиот Национален конгрес на Комунистичката партија во 2022 година. Тоа беше клучен политички собир на кој Си обезбеди историски трет мандат, со што ја зацврсти својата власт.
Тој останува личност што не се експонира во јавноста во Кина; неговите претходни појавувања се видливи само во кратки снимки од државните медиуми, на кои се гледа како го придружува Си на важни дипломатски настани.
За него не се знае речиси ништо
Практично ништо не се знае за неговото образование или потекло, ниту пак дали кариерата ја изградил во кинеската војска или во безбедносните служби. Постари фотографии објавени од кинеските државни медиуми го прикажуваат Џоу на разни настани, со плочка со неговото име поставена пред него на масата. Кога Си се сретна со непалската претседателка Бидја Деви Бандари во Катманду во октомври 2019 година, Џоу седеше зад кинескиот лидер. Тој исто така го придружуваше Си на самитот на АПЕК во Сан Франциско во 2023 година.
Претходник на Џоу беше Ванг Шаоџун, кој почина во април 2023 година. Кинеските државни медиуми ја потврдија неговата смрт дури три месеци подоцна, наведувајќи како причина неодредена болест. Дури по неговата смрт, државните медиуми потврдија дека тој во тоа време бил директор на Централното биро за безбедност. Неговиот наследник никогаш не беше официјално именуван. Веројатно е дека Џоу, исто како и Ванг, напредувал во редовите на Народноослободителната армија на Кина (НОА). Џоу беше виден како врши инспекција заедно со Ванг во 2018 година, кога Си ја посети Командата на северниот театар на НОА. Во тоа време, двајцата носеа воени униформи.
Централното биро за безбедност е основано во 1950 година, но неговите корени датираат од Кинеската граѓанска војна, кога комунистите на Мао Цедунг се бореле против националистите. Неговиот прв началник, Ванг Донгсинг, бил еден од личните телохранители на Мао. Подоцна, Ванг станал потпретседател на Партијата и член на Постојаниот комитет на Политбирото.
Според извештајот од 2014 година на медиумот „China Net“ – еден од ретките официјални написи за ова биро – неговата организациска структура е под надлежност на кинеското Министерство за јавна безбедност, каде што е позната како „Канцеларија 9“. Сепак, таа функционира независно од министерството и поднесува извештаи директно до кабинетот на Си.
Клучна реконструкција на раководството
Недостигот на транспарентност во рамките на кинеската политичка елита долго време е во фокусот на вниманието на новинарите, аналитичарите и странските влади. Шпекулациите и обидите за дешифрирање на скриените пораки во официјалните соопштенија и извештаите на државните медиуми обично се интензивираат во пресрет на важните состаноци на Комунистичката партија.
Следниот октомври, Партијата ќе го одржи својот 21-ви Национален конгрес – политички собир што се одржува на секои пет години и на кој вообичаено доаѓа до значајни промени во раководството. Дотогаш, повеќето од сегашните високи функционери ќе имаат над 70 години, вклучително и врвниот кинески дипломат Ванг Ји, кој следната година полни 73 години.
Набљудувачите внимателно ќе следат дали помладата генерација кадри ќе биде унапредена на клучни позиции на моќ – особено во Политбирото и неговиот Постојан комитет, кои го сочинуваат најтесниот круг соработници на Си.
Меѓу другите клучни помлади функционери кои присуствуваа на вечерата во Белата куќа беа портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг (53), шефот на протоколот на министерството, Хонг Леи (57), и Лу Лухуа, личниот секретар на Си, кој стана речиси постојан придружник на неговите патувања во странство.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата