Конфликтот меѓу САД и Иран повторно се интензивираше со напади врз бродови во Персискиот Залив и околните води.
Американската војска објави дека во саботата онеспособила два танкери поврзани со Иран, додека третиот, според нивните наводи, е целосно уништен. Американската Централна команда (CENTCOM) соопшти дека меѓу метите биле два танкери, од кои едниот се наоѓал во близина на островот Харк, главниот ирански терминал за извоз на нафта, додека третиот бил нападнат во Omанскиот Залив. Според американските тврдења, сите бродови биле дел од „мрежа во сенка“ вредна повеќе милијарди долари, за која Вашингтон тврди дека ја финансира Иранската револуционерна гарда (IRGC) и нејзините регионални сојузници, пишува „BBC“.
Иран ги потврди американските напади, но набрзо објави дека возвратил. Иранските државни медиуми наведуваат дека IRGC нападнала шест бродови — три пловила поврзани со САД и три нафтени танкери кои низ Хормушкиот Проток пловеле по рута што Техеран ја смета за неовластена. Американската Централна команда тврди дека иранските сили претходно истиот ден се обиделе да нападнат американски носач на авиони и разорувач со наврaтувани проектили. Според нивните наводи, американските бродови успеале да ги избегнат нападите и никој од американските војници не е повреден. Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет пред новите напади порача дека САД ќе одговорат на секој ирански напад врз американските бродови.
Нападите се случуваат во момент кога Хормушкиот Проток стана едно од клучните жаришта на сукобот. Станува збор за тесен поморски премин меѓу Иран и Оман кој го поврзува Персискиот со Оманскиот Залив и е еден од најважните светски правци за транспорт на енергенси. Иран, според наводите на „BBC“, инсистираше на одредено ниво на контрола врз пловниот правец, а претходно напаѓаше бродови кои ја користеа јужната рута низ оманските води за да избегнат пловидба по рутата покрај иранскиот брег. И покрај тоа, американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека Хормушкиот Проток е „отворен“, додека американската војска им помага на бродовите кои ја користат јужната рута.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата