Русија, Кина и Соединетите Американски Држави не успеаја да усогласат заеднички дневен ред за историската средба меѓу Доналд Трамп, Владимир Путин и Си Џинпинг, која в четврток, 19 ноември, ќе се одржи во кинескиот град Шенжен, пишува „Фајненшел тајмс“.
Поради длабоките разлики во приоритетите по повеќенеделни дипломатски консултации, трите најголеми светски сили одлучија нивните лидери да седнат на преговарачка маса без однапред утврдена агенда. Ваквиот формат претставува голем отстапка и невообичаен преседан за кинескиот претседател Си Џинпинг, кој традиционално инсистира на строго подготвени разговори со однапред дефинирани теми и избегнување на непредвидливи дипломатски ситуации, особено имајќи го предвид непредвидливиот настап на американскиот претседател Трамп.
Според информациите на британскиот весник и агенцијата „Ројтерс“, секоја од трите сили влегува на самитот, кој ќе се одржи на маргините на форумот на Азиско-пацифичката економска соработка (АПЕК), со сосема спротивставени очекувања. Вашингтон инсистира да се отворат преговори за нов трилатерален договор за контрола на нуклеарното вооружување по истекот на договорот „Нов СТАРТ“ во февруари годинава, но Пекинг одбива да преземе обврски со аргумент дека неговиот нуклеарен арсенал од 500 до 600 боеви глави е далеку помал од оние на САД и Русија, кои поседуваат по над 5.000. Истовремено, додека Москва се надева средбата да послужи како „нова Јалта“ за редефинирање на светскиот безбедносен поредок и разговори за крај на војната во Украина, ниту Вашингтон ниту Пекинг не се подготвени да го стават украинското прашање во фокусот, при што Кина порачува дека станува збор за европски конфликт во чие решавање мора да учествуваат самите европски држави.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата