ЧОВЕКОТ КОЈ ГИ КУПИ ПОЛИЦИЈАТА И ГУВЕРНЕРИТЕ: Почина мексиканскиот „Кум“

Vecer | 16.11.2026

ЧОВЕКОТ КОЈ ГИ КУПИ ПОЛИЦИЈАТА И ГУВЕРНЕРИТЕ: Почина мексиканскиот „Кум“
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Мигел Анхел Феликс Гаљардо, еден од основачите на современите мексикански нарко-картели, почина во болница на 80-годишна возраст. Сметан за еден од најголемите трговци со дрога во историјата, тој е заслужен за создавањето сојуз помеѓу колумбиските криминални организации и неговиот мексикански картел, пренесува Би-би-си.

Познат по прекарите „Кумот“ и „Шеф на шефовите“, Феликс Гаљардо го предводеше моќниот картел Гвадалахара. Овој картел доминираше на мексиканскиот пазар на дрога во текот на 1980-тите години, во време кога побарувачката за кокаин во светот беше на својот врв. Тој воведе деловен модел за нелегалната трговија кој опстојува и денес.

Во историјата на трговијата со дрога, името на Мигел Анхел Феликс Гаљардо се смета за речиси исто толку значајно како она на Пабло Ескобар. Неговата организација суштински го промени шверцот во регионот. Тој воспостави партнерства со колумбиските картели – пред сè со картелот Меделин на Ескобар – со што го поврза производството во Андите со транспортот преку мексиканската граница во Соединетите Држави.

Проценките укажуваат дека во одреден период дури 80 отсто од кокаинот што влегувал во САД потекнувал од картелот Меделин, при што Гаљардо и неговата мрежа играле клучна улога во транспортот. На врвот на својата моќ, картелот Гвадалахара имал силно влијание врз мексиканската политика и органите за спроведување на законот, контролирајќи цели полициски оддели, како и канцеларии на државни гувернери.

Пресвртна точка: Убиството на агент на ДЕА

Крајот на доминацијата на картелот започна во 1985 година, по мачењето и убиството на Енрике „Кики“ Камарена, агент на американската Управа за сузбивање на дрога (ДЕА). Убиството било одмазда, бидејќи Камарена открил, а потоа овозможил уништување на огромна плантажа со марихуана во Чивава, која му припаѓала на картелот. Неговата смрт поттикна една од најголемите истраги што некогаш ги спровела американската влада во Северна Америка.

Феликс Гаљардо беше уапсен во 1989 година и осуден на повеќедецениска затворска казна. Поради лошата здравствена состојба, во 2022 година беше одобрено тој да биде префрлен во домашен притвор, но до тоа не дојде поради технички проблеми со електронската нараквица за следење. Тој почина во болница во неговата родна Гвадалахара.

Наследството и подемот на „Ел Чапо“

Во текот на осумдесеттите години, Хоакин „Ел Чапо“ Гузман се запознал со Феликс Гаљардо, кој му ја доверил одговорноста за логистиката во рамките на својата организација. По апсењето на Гаљардо и распадот на неговата организација, настанал картелот Синалоа. На чело на тој картел застанал Гузман, чие име станало синоним за масовна трговија со дрога.

Во 2019 година, Гузман беше осуден на доживотен затвор по низа обвиненија, вклучувајќи трговија со дрога и перење пари. Неговото судење беше едно од најследените во поновата американска историја. Животот на Феликс Гаљардо е прикажан во бројни телевизиски проекти, меѓу кои и серијата на „Нетфликс“ – „Наркос: Мексико“, која го следи неговиот подем и односот со Гузман.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk