Си Џинпинг, Доналд Трамп и Владимир Путин објавија заедничка изјава по историскиот трилатерален самит во Кина кој траеше 90 минути. Во изјавата, која ја пренесува „Скај њуз“ (Sky News), се наведува дека се залагаат за реформа на Обединетите нации со цел таа организација „да може поефикасно да одговори на глобалните предизвици“. Покрај тоа, тие се согласија дека ќе го зголемат производството на рафинирани нафтени деривати.
Тие го потврдија и „почитувањето на имунитетот на државните функционери“ и го повикаа Меѓународниот кривичен суд да не ги „злоупотребува“ своите надлежности. Инаку, таа институција издаде налог за апсење на Владимир Путин поради неговата наводна одговорност за воени злосторства сторени за време на војната во Украина. Лидерите, исто така, потврдија дека „нуклеарна војна не смее да се води“ и се обврзаа на „водење дијалог“ за нуклеарните ризици. Нивните заеднички заклучоци во целост ги пренесуваме во продолжение:
- Како постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, Кина, Русија и Соединетите Американски Држави се посветени на промовирање реформа на Обединетите нации за таа организација да може поефикасно да одговори на глобалните предизвици и да ја исполнува својата основна задача за зачувување на меѓународниот мир и безбедност.
- Трите земји планираат да го зголемат производството и снабдувањето со рафинирани нафтени деривати за добробит на сите држави. Повторно ја истакнаа важноста на стабилните текови на снабдување со енергенси.
- Тројцата шефови на држави истакнаа дека принципот на согласност на државите и почитувањето на имунитетот на државните функционери се од исклучителна важност и се согласија дека Меѓународниот кривичен суд и другите слични тела не смеат да ги злоупотребуваат своите надлежности.
- Тројцата шефови на држави повторно потврдија дека нуклеарна војна не може да се добие и дека не смее да се води. Трите земји ќе водат дијалог за намалување на нуклеарните ризици и спречување на ширењето на нуклеарното оружје.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата