logo
logo
logo

Масакр во Хаити: БАНДИТЕ ПОГУБИЈА ДЕСЕТИЦИ ЛУЃЕ КОИ БАРАЛЕ СПАС ВО ЦРКВА

Vecer | 25.08.2026

Масакр во Хаити: БАНДИТЕ ПОГУБИЈА ДЕСЕТИЦИ ЛУЃЕ КОИ БАРАЛЕ СПАС ВО ЦРКВА

Најмалку 40 луѓе загинаа откако припадници на банди нападнаа раселени лица кои побарале засолниште во црква во близина на главниот град на Хаити, Порт-о-Пренс, соопштија во понеделникот локалниот градоначалник и Обединетите нации.

– Избројавме околу 40 тела. Потрагата продолжува, а некои лица сè уште се водат како исчезнати – изјави градоначалникот на Кенскоф, Масилон Жан, за агенцијата АФП. Неколкумина од убиените во неделата навечер веќе избегале од насиство претходно оваа година, рече Жан.

– Бандитите извршија упад во кампот за раселени лица кој се наоѓаше во црквата. Погубија неколку луѓе. Има загинати и десетици ранети. Криминалците киднапираа и дел од присутните – додаде Жан.

Што знаеме за нападот во близина на главниот град на Хаити?

ОН соопштија дека во нападот загинале најмалку 47 луѓе, додека повеќе од 22 се повредени, со предупредување дека проценките за бројот на жртвите сè уште би можеле да се променат.

Групата за човекови права RNDDH наведува дека меѓу 30 и 40 луѓе биле убиени, а 15 до 20 повредени за време на нападот кој започнал во неделата околу 22:30 часот.

Во соопштението од кабинетот на премиерот Аликс Дидие Фил-Еме се осудува овој „грозоморен напад“ и се додава дека силите за безбедност се во состојба на највисока приправност и дека се испраќаат засилувања.

Жителите го повикаа локалниот шеф на полицијата да поднесе оставка поради обвинувањата дека полицијата не успеала да ги заштити луѓето во црквата, која се наоѓа на само неколку минути од полициската станица.

Кенскоф се наоѓа на ридовите надвор од престолнината на Хаити и веќе со месеци страда под бранот на бандитско насилство.

Почетокот на минатата година, нападите на бандите резултираа со смрт на повеќе од 260 луѓе, додека 200 домови беа уништени или запалени, со што беа раселени околу 3.000 луѓе, според податоците на ОН. Од тогаш се случија уште најмалку 10 напади. Кенскоф се наоѓа на стратешка локација од која се надгледуваат неколку патишта кои водат кон Порт-о-Пренс.

„Кенскоф нема да биде напуштен. Хаити нема да им биде предаден на бандитите. Републиката ќе победи“, се наведува во соопштението.

Каква е безбедносната ситуација на Хаити?

Главниот град на Хаити и околните региони последните години сè повеќе доаѓаат под контрола на сојуз на криминални групи.

Обидите на меѓународната заедница да им пружи поддршка на лошо опремените полициски сили на Хаити не успеаја да ги скротат насилничките банди.

Хаити е најсиромашната земја во Америка. Оваа карипска држава страда од длабоко вкоренета политичка нестабилност, корупција, природни катастрофи и бандитско насилство.

ОН проценуваат дека во моментов речиси 1,5 милиони Хаиќани се раселени, од вкупно 11 милиони жители. Повеќе од пет милиони се соочуваат со сериозен недостиг на храна.

Насилството се влоши во 2024 година, откако криминалните групи започнаа бран на насилство кој кулминираше со оставка на неизбраниот премиер.

Последен пат избори на Хаити се одржаа во 2016 година. Претходниот претседател, Жовенел Моиз, беше убиен во 2021 година и до денес не е заменет. Планирано е Хаити да одржи избори во декември оваа година.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk