logo
logo
logo

ФАТИМА ЗАХРА МАНСУРИ ВЛЕГУВА ВО ИСТОРИЈАТА: Мароко за првпат доби жена за премиер!

Vecer | 29.09.2026

ФАТИМА ЗАХРА МАНСУРИ ВЛЕГУВА ВО ИСТОРИЈАТА: Мароко за првпат доби жена за премиер!

Мароковскиот крал Мохамед VI ја назначи министерката за урбанистичко планирање, Фатима Захра Мансури, за премиерка, со што таа стана првата жена на таа позиција во Мароко. Мансури, која е и градоначалничка на Маракеш, доби задача да формира нова влада, што се очекува во наредните денови, објави Би-би-си. Нејзината влада треба да инвестира милијарди долари во инвестиции поврзани со Светското првенство во фудбал во 2030 година, а воедно да ги исполни ветувањата за ограничување на инфлацијата, зголемување на платите и создавање нови работни места, пишува агенцијата Асошиејтед Прес.

Би-Би-Си потсетува дека центристичката партија на Фатима Захра Ел Мансури „Партија на автентичност и модерност“ (ПАМ) освои најмногу места на парламентарните избори минатата недела.

Со ова назначување, таа станува само втората жена на чело на владата во арапскиот свет, по Насла Будин во Тунис, оценува Би-Би-Си и наведува дека Мароко е уставна монархија, но поголемиот дел од моќта е сè уште во рацете на кралот.

На прес-конференцијата за победата пред да биде објавено нејзиното назначување за премиер, Ел Мансури не одговори директно на прашањето дали државата ќе мора да направи промени за да ѝ дозволи да присуствува на религиозни церемонии на кои присуствува кралот – вклучувајќи ги петочните и молитвите за Бајрам, за време на кои мажите и жените се молат во одделни делови од џамиите.

Наместо да одговори на тоа прашање, таа го пофали кралот како „најголем застапник на правата на жените“ во Мароко.

Педесетгодишната Ел Мансури е една од најистакнатите политичари во Мароко. Адвокат по образование, студирала на Универзитетот Мохамед V во главниот град Рабат, а потоа го продолжила своето образование во Франција и САД, каде што се специјализирала за деловно и корпоративно право.

Таа влезе во политиката по основањето на партијата ПАМ во 2008 година, а во 2009 година стана првата жена градоначалник во Маракеш. Се врати на таа позиција по изборите во 2021 година. Во текот на изминатите пет години, таа беше министер за просторно планирање, урбанистичко планирање, домување и урбана политика во владата на поранешниот премиер Азиз Ахануш.

Во февруари 2024 година, таа стана координаторка на владејачката коалиција на партијата ПАМ. Ел Мансури го отфрли својот имиџ на „железна жена“, велејќи за списанието на партијата ПАМ (ПАМ) во 2021 година: „Јас не сум ниту жена од челик ниту од железо… Јас сум слободна активистка“.

Во текот на својата политичка кариера, Ел Мансури ретко јавно зборуваше за правата на жените или за родовата нееднаквост, и покрај тековните дебати во Мароко за прашања како што се забраната за полигамија и еднаквите права на наследство за мажите и жените.

Според мароканскиот Устав, кралот го назначува шефот на владата од редовите на партијата што ќе освои најмногу гласови на изборите за Претставничкиот дом.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk