logo
logo
logo

ПОЛИТИЧКИ КРАХ ВО БЕРЛИН - Канцеларот Мерц подготвува оставка од функцијата?

Vecer | 17.09.2026

ПОЛИТИЧКИ КРАХ ВО БЕРЛИН - Канцеларот Мерц подготвува оставка од функцијата?

Германскиот канцелар Фридрих Мерц се соочува со сериозна закана да биде отстранет од функцијата уште овој викенд, само 16 месеци по преземањето на власта, кога ветуваше амбициозна реформска агенда и враќање на германското лидерство во Европа, пишува „Политико“.

Пред двојните клучни покраински избори во Мекленбург-Западна Померанија и Берлин што се одржуваат оваа недела, каде што десноцентаристичката Христијанско-демократска унија (ЦДУ) на Мерц се соочува со ризик од болни порази, високи партиски функционери приватно дискутираат за потребата од таканаречен Kanzlertausch, промена на канцеларот, за да се сопре наглото паѓање на поддршката за владата. Националната популарност на Мерц оваа недела се сруши на едвај 14 отсто, додека ново истражување покажува дека неговата конзервативна алијанса ЦДУ/ЦСУ паѓа на рекордно ниски 18 отсто.

Истата анкета покажува дека крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АФД) води со 29 отсто. АФД неодамна оствари триумф и на изборите во Саксонија-Анхалт, за влакна промашувајќи апсолутно мнозинство, додека ЦДУ на Мерц загуби повеќе од половина од гласачката поддршка. Меѓународните сојузници со запрен здив го следат хаосот, бидејќи Германија – некогаш бастион на стабилноста во ерата на Ангела Меркел – се соочува со можен втор брз пад на владата по колапсот на коалицијата на неговиот претходник Олаф Шолц во ноември 2024 година. Овој кризен момент особено дојде до израз откако Мерц го откажа патувањето на Генералното собрание на ОН следнита недела. „Неговото присуство е неопходно во Берлин“, изјави висок германски функционер додека канцеларот се бори за политички опстанок.

Пет сценарија за лидерскиот турбулентен расплет

1. Мерц поднесува оставка поради недостиг на партиска поддршка

Канцеларот закажа итен состанок на партиското раководство во недела во 17 часот, што се совпаѓа со објавувањето на излезните анкети во 18 часот. На таа средба Мерц наводно планира да побара поддршка од сојузниците за своите реформи, а доколку ја нема, да побара наследник. Сепак, критичарите се соочуваат со недостаток на консензус за наследник – се споменува Хендрик Вист од Северна Рајна-Вестфалија, но тој има избори во април, додека баварскиот лидер Маркус Зедер исто така има противници. Доколку изборите во недела бидат катастрофа – вклучувајќи можен пад под цензусот од 5 отсто во Мекленбург-Западна Померанија – гневот во ЦДУ/ЦСУ може да експлодира и да доведе до изнудена оставка пред претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

2. Гласање за недоверба го отстранува Мерц

Уставниот систем на Германија обезбедува стабилност, па принудна смена е можна само преку „конструктивно гласање за недоверба“, што значи дека опозицискиот кандидат мора истовремено да добие мнозинство за да го замени Мерц. Ова сценарио е мало веројатно поради тенкото коалициско мнозинство и неопходните преговори со Социјалдемократите (СПД).

3. Мерц сам бара гласање за доверба

Канцеларот може сам да побара гласање за доверба за да ја тестира поддршката во коалицијата или да отвори пат кон предвремени избори, по примерот на потегот на Шолц од декември 2024 година. Меѓутоа, поради силната позиција на АФД во анкетите, ниту ЦДУ ниту СПД немаат интерес за нови избори во овој момент.

4. Поддршка од крајната десница против Мерц

Теоретски, наследник на Мерц би можел да добие мнозинство преку индиректна поддршка од АФД или преку формална коалиција, што би создало комотно мнозинство. Сепак, тоа би значило целосно рушење на германската „заштитна брана“ против екстремната десница, опција што сам Мерц ја има отфрлено.

5. Мерц се држи до власта

И покрај поразите, Мерц покажува борбен дух. Неговата позиција беше зацврстена со писмото од осум десничарски премиери на покраини (вклучувајќи ги Вист и Рајн) во кое истакнуваат дека „Германија има потреба од сигурност и акција“, укажувајќи на стабилноста која е неопходна во Европа во пресрет на изборите во Франција, Италија, Полска, Шпанија и Грција следната година. Иако писмото не го споменува директно неговото име, тоа покажува дека во овој момент нема доволен апетит меѓу врвот на партијата за отворен пуч, туку обид за затворање на редовите и барање построги социјални реформи од коалицискиот партнер СПД.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk