Експертот за енергетика Џозеф Вебстер од американскиот тинк-тенк Атлантски совет предупредува дека конфликтот на Блискиот Исток влегува во нова и поопасна фаза, откако беше нападнат саудискиот нафтовод „Исток-Запад“.
– Се наоѓаме на праг на нова и опасна фаза од конфликтот – вели Вебстер во интервју за италијанскиот весник „Ла Република“.
Според него, нападот врз нафтоводот значително ги зголемува ризиците за глобалниот пазар на нафта, бидејќи покрај проблемите со извозот преку Црвеното Море, сега се отвора и прашањето за безбедноста на клучната инфраструктура во Саудиска Арабија.
Вебстер оценува дека Хутите освоиле значителна територија од саудиските сили и сега се во многу подобра позиција да го попречуваат поморскиот сообраќај низ теснецот Баб ел-Мандеб.
Нападот врз саудискиот нафтовод „Исток-Запад“ го стеснува пазарот на нафта и создава притисок врз Саудиска Арабија и САД, вели тој.
Особено загрижувачко, според Вебстер, е прашањето дали нападите би можеле да продолжат. Тој вели дека тогаш би се отворило сериозно прашање за способноста на Саудиска Арабија не само да произведува, туку и да извезува нафта во досегашниот обем.
Експертот предупредува и на можноста Иран и Хутите да ги прошират нападите врз енергетската инфраструктура.
Ако Иран и Хутите можат да го погодат нафтоводот „Исток-Запад“, мора да се постави прашањето дали Иран може да ја нападне и саудиската извозна инфраструктура на Персискиот Залив. Одговорот веројатно е да, вели Вебстер.
Тој додава дека САД, иако денес се нето-извозник на нафта, сепак се голем потрошувач и секој значителен раст на цените на енергенсите би имал последици врз американските потрошувачи.
Според Вебстер, последиците би биле значајни и за Кина, која е најголем светски увозник на енергенси. Колку подолго трае конфликтот, толку повеќе Пекинг би морал да ги користи своите резерви, што би ги зголемило трошоците.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата