logo
logo
logo

МОРБИЛИТЕ ПОВТОРНО УДИРААТ ВО САД: Две жртви, најмногу заболени во последните 30 години

Vecer | 26.08.2026

МОРБИЛИТЕ ПОВТОРНО УДИРААТ ВО САД: Две жртви, најмногу заболени во последните 30 години

Морбилите повторно го креваат алармот во САД, откако две лица од Пенсилванија починаа од оваа исклучително заразна болест, што се први смртни случаи од морбили во земјата оваа година. Двете жртви биле невакцинирани и живееле во округот Ланкастер, додека САД бележат најголем број заболени од морбили во повеќе од три децении, во услови на пад на стапката на вакцинација.

До смртните случаи дојде приближно две недели откако претседателот Доналд Трамп претстави извршна уредба во која ја критикуваше комбинираната вакцина против морбили, заушки и рубеола (МРП) и повика таа долгогодишна комбинирана вакцина, која обезбедува 97-процентна заштита од морбили, да се раздвои на три посебни вакцини.

Трамп, спротивно на сите научни докази и децении на безбедна и ефикасна примена, за вакцината МРП рече дека „постои можност сите заедно да се прилично смртоносни“.

Американскиот министер за здравство Роберт Ф. Кенеди помладиот со децении тврди дека вакцината МРП и другите вакцини се поврзани со зголемен ризик од аутизам. Научниците велат дека таа теорија е темелно отфрлена со истражувања кои во текот на низа години опфатија милиони деца.

Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, изјави дека вчера ја одбил понудата на Кенеди за сојузна помош во сузбивањето на епидемијата на морбили во таа сојузна држава.

Многу јасно му дадов до знаење дека неговите постапки и реториката на оваа администрација негативно влијаат врз заедниците – рече Шапиро на прес-конференција.

Кенеди, кој пред преземањето на функцијата во администрацијата на Трамп со години дејствуваше како противник на вакцинацијата, сега во Министерството за здравство и социјална грижа надгледува низа истражувања за безбедноста на вакцините, вклучувајќи го и прашањето за нивната можна поврзаност со аутизмот.

Изјавите и политиките на Трамп и Кенеди предизвикаа збунетост и недоверба кон вакцините и придонесоа за повторна појава на болеста која може да се спречи со вакцинација, а која САД ја елиминираа пред повеќе од 20 години, велат експертите.

Минатата година во Тексас од морбили починаа две невакцинирани деца. Тоа беа првите смртни случаи од оваа болест во САД во повеќе од десет години.

Во САД оваа година се потврдени 2.777 случаи на морбили, болест која во земјата беше речиси елиминирана. Таа бројка го одразува падот на стапката на вакцинација.

Пенсилванија оваа година е една од најтешко погодените сојузни држави, со 393 потврдени случаи на морбили во 28 окрузи, вклучувајќи 185 во округот Ланкастер. Пред овие два смртни случаја, во таа сојузна држава 35 години не беше забележан ниту еден смртен случај од морбили.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk