Девет европски држави побараа од Европската комисија да ги продолжи вонредните мерки за флексибилност поврзани со новиот Систем за влез и излез (Entry/Exit System - EES), предупредувајќи дека граничните служби сè уште не се целосно подготвени за укинување на постојните безбедносни механизми. Според нивните тврдења, првите месеци од примената на системот покажаа низа оперативни предизвици кои за време на летната туристичка сезона би можеле дополнително да го отежнат сообраќајот на надворешните граници на Шенген.

Според пишувањето на Политико, министрите за внатрешни работи на Белгија, Франција, Германија, Грција, Италија, Малта, Холандија, Португалија и Швајцарија во заедничко писмо, со датум од 7 јули, побарале од европскиот комесар за внатрешни работи Магнус Брунер постојната вонредна флексибилност да се продолжи и по 6 септември 2026 година. Иако државите потписнички нагласуваат дека во целост го поддржуваат воведувањето на новиот Систем за влез и излез (EES), тие предупредуваат дека досегашните искуства покажале „значителни потешкотии“ кои, како што наведуваат, не смеат да се потценат. Сегашниот механизам им овозможува на граничните служби во исклучителни околности привремено да го прекинат прибирањето на биометриските податоци на патниците, како што се отпечатоци од прсти и фотографирање на лицето, со цел да се намалат метежите на граничните премини.
И покрај тоа, сите патници и понатаму се евидентираат при влезот и излезот од шенген-зоната. Министрите во писмото исто така бараат од Европската комисија писмени гаранции дека наведената флексибилност ќе може да продолжи да се применува и по истекот на сегашниот рок, со цел државите членки да имаат доволно време за прилагодување кон новиот систем. Портпаролот на Европската комисија Маркус Ламерт изјави дека Комисијата ја поздравува „експлицитната посветеност“ на државите членки за целосна спроведување на Системот за влез и излез, како и за системската регистрација на сите патници кои не се државјани на Европската Унија. Тој додаде дека постојното законодавство веќе предвидува одредено ниво на флексибилност, вклучувајќи ја и можноста за привремена обустава на собирањето биометриски податоци за време на периоди со зголемен сообраќај, како што се летните месеци.
Ламерт нагласи дека Европската комисија е во „близок и конструктивен контакт“ со неколку држави членки кои се соочуваат со потешкоќи на одредени гранични премини и порача дека постои заедничка желба системот успешно да функционира на сите надворешни граници на Шенген. Истовремено, аеродромите, авиокомпаниите и фериботските превозници предупредуваат дека новиот систем веќе сега предизвикува подолги чекања и оперативни потешкоќи за време на шпицот на туристичката сезона. Претставниците на транспортната индустрија сметаат дека техничките и организациските проблеми нема да бидат целосно решени до почетокот на септември. Засега Европската комисија не даде знаци дека планира да ги продолжи постојните вонредни мерки за флексибилност по 6 септември 2026 година, ниту пак дека размислува за пошироко одложување на целосната примена на системот EES. Поради тоа, одговорот на Комисијата на барањето на деветте држави членки ќе биде клучен за понатамошното спроведување на еден од најголемите проекти за модернизација на управувањето со надворешните граници на Европската Унија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата