logo
logo
logo

САД ги затвораат вратите за злоупотреба на визите

Vecer | 25.08.2026

САД ги затвораат вратите за злоупотреба на визите

Стејт департментот во наредните недели би требало да почне со поништување на таканаречените Б1 и Б2 визи издадени меѓу 2016 и 2026 година на нивните носители кои поднеле барање за азил или моментално бараат азил во САД, пренесе АП.

Мерката се спроведува во координација со американското Министерство за внатрешна безбедност.

– Се координираме со Министерството за внатрешна безбедност за да ги идентификуваме и поништиме неимигрантските визи на странците кои дошле во Соединетите Американски Држави тврдејќи дека се краткорочни посетители, но потоа поднеле барање за азил за трајно да останат тука – изјави портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот.

Тој не сакаше да го потврди бројот на визи што би можеле да бидат поништени, наведувајќи дека процесот ќе се спроведува постепено и дека бројот ќе биде променлив.

Официјалните лица наведоа дека поништувањето на визите не би значело автоматски и моментална депортација.

Повеќето лица чии барања за азил се во постапка ќе бидат прекатегоризирани, но ќе го изгубат статусот на деловни или туристички патници.

Заменикот државен секретар Кристофер Ландау ги критикуваше лицата кои, според неговите наводи, користат деловни и туристички визи за да влезат во САД, а потоа поднесуваат барања за азил.

„Азилот не би требало да биде дупка во законот за заобиколување на законите за имиграција“, напиша тој на социјалната мрежа Икс.

Визите Б1 главно се издаваат за деловни патувања, додека визите Б2 се наменети за туризам, посети на семејството и пријателите или медицинско лекување.

Подносителите на барања за овие визи мора да потврдат дека немаат намера да бараат азил во САД и да докажат дека планираат да се вратат во своите матични земји.

Во изминатите 18 месеци Стејт департментот поништи околу 175.000 визи на лица кои се осудени или обвинети за кривични дела, вклучувајќи возење во пијана состојба, силување и грабеж, како и на поединци кои јавно ја критикуваа политиката на САД, посебно во врска со Блискиот Исток.

Документите на Стејт департментот до кои дојде агенцијата АП укажуваат дека проверката на моменталните носители на Б1 и Б2 визи е покрената откако Стејт департментот добил податоци за барањата за азил од американската Служба за државјанство и имиграција.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk