Фудбалерите на Р. Ирска и Израел нема да ги разменуваат дресовите по меѓусебните натпревари во Лигата на нации, објави „Индипендент“. Одлуката доаѓа во период на зголемени тензии меѓу двете фудбалски федерации. Се очекува и селекторите на двете репрезентации да не се поздрават по завршувањето на натпреварите.
Ирска и Израел ќе одиграат два меѓусебни натпревари, на 27 септември и 4 октомври. Првиот ќе се игра во Дебрецен, Унгарија, а реваншот во Бачка Топола, Србија, при што вториот натпревар ќе биде без присуство на публика. Ирската телевизија РТЕ, пак, најави минимално медиумско покривање на двата дуела, со директен пренос без студиска програма и дополнителна анализа.