Русија нема да учествува во квалификациите за Европското првенство во 2028 година, откако УЕФА официјално ја изостави од списокот на учесници за претстојниот квалификациски циклус, поради воената агресија врз Украина.
Одлуката е потврдена со официјален циркулар, потпишан од генералниот секретар на УЕФА, Теодор Теодоридис, кој бил испратен до националните фудбалски асоцијации. Во квалификациите ќе учествуваат 54 од вкупно 55 репрезентации членки на европската фудбалска централа.
Ждрепката за квалификациските групи ќе се одржи на 6 декември во Белфаст, а репрезентациите ќе бидат распоредени во 12 групи со по четири или пет селекции. Натпреварите од групната фаза ќе се играат од март до ноември 2027 година, додека баражите се предвидени за март 2028 година.
Со оваа одлука Русија ќе го пропушти и четвртиот последователен голем меѓународен фудбалски турнир. По Светското првенство во Катар во 2022 година, Европското првенство во Германија во 2024 и Мундијалот во 2026 година, руската репрезентација нема да биде дел ниту од ЕУРО 2028, кое ќе се одржи во Англија, Шкотска, Велс и Република Ирска.