„Кралевите“ уште еднаш покажаа колку опасни можат да бидат кога нивните офанзивци ќе го пронајдат вистинскиот ритам. Иако на паузата имаа негатива од 0-1 против гостите од Ајндховен, во второто полувреме следуваше вистинска голеада на мадридскиот тим. Килијан Мбапе постигна два гола, а во листата на стрелци се запиша и Винисиус Жуниор.
УЕФА го прогласи Мбапе за играч на натпреварот, но францускиот напаѓач реши индивидуалното признание да му го отстапи на својот соиграч Винисиус Жуниор.
Со овој потег Мбапе покажа голема почит кон Бразилецот, кој исто така имаше значајна улога во убедливиот триумф на Реал. Неговиот гест брзо се прошири на социјалните мрежи и беше дочекан како убава порака за заедништво во соблекувалната на мадридскиот гигант.
Не е секогаш најважно кој ќе го добие индивидуалното признание. Мбапе покажа дека понекогаш еден потег кажува многу повеќе од зборовите.
За Винисиус ова беше особено важен натпревар, ако се земе предвид дека зад себе има тежок период исполнет со критики и суспензии, а подолго време чекаше и на гол. Конечно ја прекина голгетерската пауза, но доби и уште една потврда за поддршката што ја има од соиграчите.
Овој гест е значаен и поради честите коментари дека Мбапе и Винисиус се фокусирани пред сè на личната статистика и индивидуалните достигнувања. Французинот покажа дека тимот му е на прво место и дека успехот на соиграчите му е поважен од лично признание.