logo
logo
logo

„Топчиите“ имаат чудо од дете, Унгарецот го крена „Енфилд“ на нозе

Vecer | 15.09.2026

„Топчиите“ имаат чудо од дете, Унгарецот го крена „Енфилд“ на нозе

Фото: Премиер-лига

Арсенал без поголеми проблеми обезбеди пласман во осминафиналето на Лига купот, откако на гостувањето кај Ипсвич славеше со 4:2. Успешна вечер имаше и Ливерпул, кој на „Енфилд“ го совлада Тотенхем со 3:1.

Тимот на Микел Артета многу рано ја презеде контролата врз натпреварот против Ипсвич. Резултатот го отвори 16-годишниот Макс Дауман, кој по додавање од Езе одлично се снајде пред противничкиот гол и погоди за водство на „топчиите“.

Набргу потоа Арсенал стигна и до втор погодок. Голманот на Ипсвич направи грешка, Нони Мадуке ја прифати топката во шеснаесетникот и прецизно погоди за 2:0.

На самиот почеток од второто полувреме повторно во центарот на вниманието беше Дауман. По додавање од Зубименди, младиот фудбалер прецизно го погоди долниот агол и го постигна својот втор гол на натпреварот. Арсенал продолжи во ист ритам, а во 58. минута Микел Мерино со прекрасен удар од околу 20 метри ја погоди мрежата преку стативата за убедливи 4:0.

Ипсвич успеа само да го ублажи поразот. Мехмеди намали на 1:4 четири минути подоцна, а Акпом во самиот финиш ги постави конечните 2:4.

Возбудливо беше и на „Енфилд“, каде што Ливерпул славеше против Тотенхем со 3:1.

Гостите први имаа голема можност, но Мамардашвили одлично го запре ударот на Бергвал. Казната стигна во 21. минута, кога Алексис Мекалистер одлично се позиционираше и ја затресе мрежата на Тотенхем за водство на Ливерпул.

На почетокот од второто полувреме домаќините ја удвоија предноста. По брза и течна акција, топката стигна до Коди Гакпо, кој прецизно реализираше за 2:0.

Тотенхем се врати во игра во 69. минута. По изведен корнер и центаршут на Фернандеш, Галагер беше на вистинското место и намали на 2:1.

Сепак, Ливерпул не дозволи неизвесна завршница. Доминик Собослаи со спектакуларен удар постигна гол за 3:1 и ја потврди победата на „црвените“.


sportmedia.mk

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk