Претседателот на ФИФА, Џани Инфантино им нуди на земјите-членки на ФИФА дел од приходите од продажбата на нивниот дел од правата за Светското првенство, идеја која ја крена на нозе фудбалска Европа.
Откако вчера беше објавено дека претседателот на ФИФА сака да продаде дел од правата за турнирот на надворешни инвеститори, УЕФА и сите европски земји членки излегоа со сериозни критики на однесувањето на првиот човек на светскиот фудбал, кој од фудбалот продолжува да прави само бизнис.
Според „Тајмс“, Инфантино ветил дека ќе им плати на сите 211 членки на ФИФА по 40 милиони долари доколку се согласат со неговиот план. Тие имаат само 53 дена да ја прифатат понудата.
„Одлуката дали да ја прифатите оваа понуда е целосно ваша. Доколку одлучите да ја прифатите, пакетот од 10 милијарди долари ќе стане достапен на 1 јануари 2027 година, означувајќи го почетокот на следната фаза од нашето заедничко патување. Доколку одлучите да го задржите статусот кво и да го отфрлите овој предлог, ние остануваме подготвени да ја прошириме програмата „Форвард“ за 2,7 милијарди долари, како што беше претходно најавено. Вкупно, секое здружение-членка ќе може да добие до 40 милиони долари во рамките на оваа понуда за време на претстојниот циклус што започнува на 1 јануари 2027 година“, им напишал Инфантино на сите федерации.
Бројни федерации меѓу кои и УЕФА се спротивставија на договорот и ја нарекоа понудата на Инфантино „чист поткуп“.