Напаѓачот на Баерн, Хари Кејн, изјави дека би бил воодушевен ако ја освои Златната топка. Тој додаде дека е исклучително задоволен од минатата сезона. Англичанецот, исто така, коментираше за ситуацијата со неговиот договор, велејќи дека наскоро ќе разговара со раководството на Баварците.
„Многу сум горд на сезоната што ја играв. Од индивидуална гледна точка, Златната топка е најголемата награда што може да ја добие еден играч, но одлуката не е во мои раце. Направив сè што можев со моите перформанси. Секако, би било фантастично ако се случи тоа. Но, остануваат уште 2-3 месеци пред да се донесе одлука. Многу сум горд на она што го постигнав со Баерн и со репрезентацијата. Сега се концентрирам на претстојната сезона. Имаме големи амбиции и цели“, рече Кејн.
На прашањето дали ќе започне против Борусија Дортмунд во германскиот Суперкуп за време на викендот, капитенот на Англија рече:
„Не сум сигурен. Разговарав со менаџерот за тоа. Имав само една недела предсезона, но навикнат сум на брза адаптација. Играв на овие турнири речиси секоја година од мојата кариера. Ќе видиме. Дали ќе бидат 90 минути или 45, ќе зависи од тоа како ќе се чувствувам во текот на неделата.
Кога беше прашан за неговиот договор, тој рече: „Имам само уште една година од мојот договор и сега е време да разговараме за тоа. Ќе разговараме за тоа следната недела или неделата потоа. Двете страни се целосно опуштени во врска со тоа.“