ПСЖ и Барселона утре го играат големото дерби во третото коло во Лигата на шампионите, а пред заминувањето за Париз, тренерот на каталонскиот тим, Ханси Флик, доби многу лоши вести. Неговата одбрана ќе биде целосно „десеткувана“.
Барселона во саботата славеше против Бетис со 5-2, стигнувајќи до 11. последователна победа оваа сезона, што е навистина неверојатен успех. Сепак, веќе утре избраниците на Ханси Флик ги очекува веројатно најтешкиот испит досега – дуелот против ПСЖ.
Актуелниот европски шампион, исто така, игра во фантастична форма и нема дилема дека на „Паркот на принцовите“ нè очекува спектакуларен натпревар.
Екипата на Барселона дури вчера се врати од Севилја, а веќе денеска патува за Париз, каде што вечерва ќе го одработи последниот тренинг пред дуелот со ПСЖ.
Каталонците во француската престолнина заминуваат сериозно ослабени во одбраната, откако Флик доби многу лоши вести по гостувањето кај Бетис.
Имено, Жил Кунде и Ерик Гарсија се повредија на натпреварот во Севилја и сигурно ќе го пропуштат утрешниот дуел во Париз, но и „Ел Класико“ против Реал Мадрид, кое е на програмата веќе овој викенд.
Гарсија ќе ги пропушти дури следните пет натпревари на Барселона. Покрај дуелите со ПСЖ и Реал Мадрид, нема да настапи ниту против Алавес, Астон Вила и Атлетико Мадрид.
Флик утре ќе биде на големи маки бидејќи од претходно е повреден и Андреас Кристенсен, па на располагање ги има само Кубарси, Мартин, Кансело, Еспарто и Балде.
Дополнително, се појавија информации дека тренерот на Барселона би можел да го користи Родри или Френки де Јонг на стоперската позиција, бидејќи и Жерар Мартин се пожалил на повреда за време на саботниот натпревар, поради што беше заменет уште на полувремето.
Кога станува збор за Кунде, ситуацијата е нешто пооптимистичка. Тој нема да отсуствува толку долго како Гарсија, па не е исклучено францускиот дефанзивец да се опорави навреме за натпреварот против Реал Мадрид, кој во сабота ќе се игра во Барселона.
Како и да е, ќе биде многу интересно да се види каква одлука ќе донесе Флик за утрешниот натпревар, но особено кого ќе избере за позицијата десен бек, на која досега настапуваа токму Гарсија и Кунде.