Бразил – Норвешка 1:2 во меч од 1/8 финалето и за пласман на европската селекција во 1/4 финалето каде ќе се сретне со подобриот од дуелот Мексико – Англија.
Фантастична партија на Ерлинг Халанд, кој со два фантастични гола го прати Бразил дома. Ни Дон Карло, ни Вини, ни Нејмар, ништо не им помогна на Бразилците. Уште еден шок. Халандминтор со овие два гола се израмни со Меси и Мбапе на листата на стрелците со седум голови.
Блескава Норвешка во Њу Џерси, можеме само да си замислиме што се случува во Бразил. Нејмар беше стрелец за Бразил од пенал во 90+9.минута.
Уште во 4.минута Норвешка постигна гол преку Берг, но сепак радоста кусо траеше, истиот беше поништен поради офсајд. Во таа 10.минута Куња беше фаулиран, дури по реакцијата на ВАР, снимката беше прегледана од главниот судија кој покажа на белата точка за Бразил. Бруно Гимараеш шутираше, но Ниланд фантастично одбрани.
Се редеа акциите и шансите пред двата гола. Бруно Гимараеш, потоа Винисиус. Мартинели имаа шанси за водство на Бразил, додека на другата страна Халанд, Одегард во два наврати се чини дека мораа подобро да реагираа, но Алисон успеа да им ги одбрани тие удари.
Па така на одмор се замина со тие 0:0.
Бразил подобро го отвори вториот дел, просто несфатливо е како нововлезниот Ендрик не успеа да реализира зицер во 59.минута, потоа и Бруно Гимараеш имаше супер шанса. Халанд во два наврати опасно се закани на спротивната страна, но гол и натаму немаше.
Во 67.минута еуфорија кај бразилските фанови, во игра влезе Нејмар.
И тогаш Халанд, како само тој знае со удар со глава успева да го совлада Алисон во таа 80.минута, за водство од 1:0. Ова беше неговиот шести гол на ова СП. Еден повеќе имаат Меси и Мбапе.
Јасно беше дека по тој гол на Халанд, Бразил ќе тргне со сите сили кон голот на Ниланд. Така и беше.
А во 90.минута перфекција на Халанд за 2:0, каков шут, каков гол. Фантастичен.
Ова не беше се од мечот. Во 90+10.минута уште еден пенал за Бразил, сега Нејмар ја презеде одговорноста, и погодува за конечни 1:2.
Кој е Ерлинг Халанд, страшниот голгетер кој трча како спринтер и живее како аскет?
Ерлинг Халанд го одигра натпреварот поради кој големите фудбалери стануваат легенди. Со два гола во завршницата на осминафиналето, норвешкиот напаѓач го урна Бразил со 2:1 и ја одведе Норвешка во првото четвртфинале на светските првенства во нејзината историја. Прво погоди со глава во 79. минута, а потоа во 90. минута уште еднаш ја казни бразилската одбрана. Со седум гола на четири натпревари на Мундијалот, Халанд стана централната фигура на турнирот и човекот кој го испрати петкратниот светски првак дома.
Но, кој е всушност овој 195 сантиметри висок русокос џин, кој на теренот изгледа како лик од нордиска сага?
И семејни и физички предиспозиции
Ерлинг Браут Халанд е роден на 21 јули 2000 година во Лидс, Англија, каде што во тоа време играше неговиот татко Алф-Инге Халанд. Кога имал три години, семејството се вратило во норвешкиот град Брине, каде што Ерлинг израснал и почнал да игра фудбал. Неговиот татко беше професионален фудбалер во Нотингем форест, Лидс и Манчестер сити, додека мајка му Гри Марита Браут била успешна атлетичарка и натпреварувачка во седмобој. Во поширокото семејство има уште неколку професионални фудбалери.
Физичката конструкција на Халанд е необична и за врвен спортист: висок е 1,95 метри, силен е во дуелите, а истовремено има брзина на елитен спринтер. Често се пишува дека може да достигне 40 километри на час, но достапните мерења покажуваат нешто помала, сепак фасцинантна бројка. Во Лигата на шампионите беше измерен на 36,9 км/ч, а уште како играч на Борусија Дортмунд достигна 36,04 км/ч. Неговата предност не е само максималната брзина, туку способноста со огромното тело нагло да забрза, да ја менува линијата на движење и со долги чекори да го отвори просторот зад одбраната.
Зад таа физичка моќ стои необична комбинација од генетика, работа и речиси опсесивно внимание на закрепнувањето. Луѓето кои работат со него велат дека физичката и менталната сила ги наследил од родителите, а самиот Халанд вели дека брзината доаѓа од страната на мајка му, а чувството за фудбал од татко му. Уште како дете тренирал повеќе од другите: доаѓал еден час порано на тренинг за сам да дрибла и да шутира, а во слободните викенди знаел со часови да остане сам во салата.
За него играта е борба
Денес неговиот режим е многу пософистициран. Халанд големо внимание им посветува на сонот, масажата, физиотерапијата, ледените бањи, сауната и светлосната терапија. Во неговите видеа може да се види како денот го почнува со едноставен појадок, потоа работи со физиотерапевт, а храната ја избира мошне внимателно. Сака квалитетно месо, јајца, мед и природни производи, а неговата филозофија е дека тренингот е само еден дел од работата – телото мора да биде подготвено повторно да го издржи истиот напор.
На теренот, Халанд остава впечаток на човек кој ја доживува играта како борба. Не е напаѓач кој сака постојано да ја има топката, ниту фудбалер кој ќе изведува непотребни трикови за публиката. Неговата игра е сведена на движење, позиционирање, сила и завршен удар. Тој самиот не се навредува кога критичарите го нарекуваат играч кој постигнува „лесни голови“ од непосредна близина. Напротив, смета дека да се најдеш на вистинското место во вистинската секунда е една од најтешките вештини во фудбалот.
Посебна приказна се неговите гримаси. Халанд има необично експресивно лице и во текот на натпреварите знае да прави изрази на бес, чудење, неверување или детска радост, кои веднаш стануваат материјал за мемиња и имитации на социјалните мрежи. Неговиот контраст е неодолив за интернет-публиката: човек со тело на гладијатор, долга руса коса и сериозен поглед, кој во следниот момент може да направи гримаса што изгледа како сцена од комедија. Дури и неговата прослава на головите, кога седи во поза за медитација, стана негов заштитен знак и е имитирана од фудбалските фанови ширум светот.
Неодолив лик за интернет публиката
Посебна приказна се неговите гримаси. Халанд има необично експресивно лице и во текот на натпреварите знае да прави изрази на бес, чудење, неверување или детска радост, кои веднаш стануваат материјал за мемиња и имитации на социјалните мрежи. Неговиот контраст е неодолив за интернет-публиката: човек со тело на гладијатор, долга руса коса и сериозен поглед, кој во следниот момент може да направи гримаса што изгледа како сцена од комедија. Дури и неговата прослава на головите, кога седи во поза за медитација, стана негов заштитен знак и е имитирана од фудбалските фанови ширум светот.
Богат, ама и дарежлив
Колку е богат Халанд, тешко е прецизно да се утврди, бидејќи проценките значително се разликуваат. Некои финансиски и спортски медиуми во 2026 година го проценуваат неговото богатство на околу 100 милиони долари, додека неговата основна годишна плата во Манчестер сити се проценува на повеќе од 30 милиони долари, без бонусите и комерцијалните договори. Со долгорочниот договор со Сити, рекламните приходи и сопствените деловни активности, тој веќе е меѓу најбогатите фудбалери од својата генерација.
Парите, сепак, ги троши и на луѓето околу себе. Кога во 2022 година заминуваше од Борусија Дортмунд, на сите 33 соиграчи им подари луксузни часовници „Ролекс“, проценети на 13.000 до 15.000 евра по парче. Членовите на стручниот штаб добија часовници „Омега“. Вкупната вредност на подароците беше проценета на повеќе од половина милион евра – спектакуларен начин да им се заблагодари на луѓето со кои ја делеше соблекувалната.
Приватноста ја чува за себе
Надвор од теренот, Халанд настојува да живее многу помирно отколку што сугерира неговиот статус на суперѕвезда. Неговата партнерка Изабел Хаугсенг Јохансен ја познава уште од младоста во Брине, каде што и двајцата биле дел од фудбалската средина. Врската ја започнале во 2021 година, а во декември 2024 година добија син. Двојката внимателно ја чува приватноста на детето и ретко открива детали од семејниот живот.
Во неговиот дом нема слика на разгалена ѕвезда со армија слуги. Халанд самиот готви, пече месо на скара, сака видеоигри, практикува медитација и најголемиот дел од животот го организира околу фудбалот и семејството. Неговата партнерка дури на шега се пожалила дека ѝ е преку глава од фудбал, бидејќи Халанд зборува за играта и дома. Во исто време, тој останува силно врзан за Норвешка и за родниот крај: со татко му купи ретко издание на нордиска хроника од 1594 година, а потоа книгата ја подари на својата локална заедница за да биде достапна на јавноста.
Национален феномен
По двата гола против Бразил, приказната за Ерлинг Халанд доби ново поглавје. Досега беше машината за голови на Манчестер сити, рекордерот на Премиер лигата и „Терминаторот“ од Норвешка. Сега стана и човекот кој ја одведе својата земја меѓу осумте најдобри на светот.
По победата ја нарече вечерта „еден од најлудите денови“ во историјата на Норвешка. За земја која 28 години чекаше повторно да се појави на Мундијалот, русокосиот џин од Брине веќе не е само фудбалер. Тој е национален феномен.
ФОТО: facebook.com/fifaworldcup
sportmedia.mk
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата