Напаѓачот на англискиот второлигаш Вест Бромвич, Ауне Хегебо, доби контроверзна суспензија од два натпревари поради „успешна измама на судија“ за време на победата на неговиот тим од 2-1 над Норич Сити во саботата.
Во 75 минута Хегебо го отвори резултатот откако постигна гол од непосредна близина. Сепак, снимките покажаа дека норвешкиот напаѓач го реализираше центаршутот на Џими-Џеј Морган со рака, а судијата Тим Робинсон и покрај протестите на фудбалерите на Норич, сепак, го призна.
Неколку дена подоцна, Хегебо е обвинет за кршење на правилото Е3.1 на Фудбалската асоцијација, кое бара од учесниците да дејствуваат во најдобар интерес на играта во секое време. Ова е прво обвинение од ваков тип по промената во 2024 година.