Австриската фудбалска ѕвезда Давид Алаба постигнал усмен договор со Удинезе и наскоро треба да стане нов фудбалер на италијанскиот клуб, објави Фабрицио Романо.
За финализирање на трансферот остануваат уште неколку формалности, по што договорот треба да биде официјализиран. Австрискиот репрезентативец е без клуб откако летово го напушти Реал Мадрид по истекот на договорот.
Алаба во Мадрид пристигна во 2021 година како слободен играч од Баерн Минхен и во пет сезони одигра 131 натпревар за „кралевите“. Со Реал освои 11 трофеи, меѓу кои Лигата на шампионите, Ла Лига и Суперкупот на Шпанија во сезоната 2021/22.
Последните сезони, сепак, му беа отежнати поради серијата повреди, па минатата сезона забележа само 16 настапи за Реал во сите натпреварувања.