Со голем пресврт и две спасени меч топки во последниот сет од полуфиналето против Јанаки Милев од Бугарија, македонскиот тенисер Калин Ивановски се пласираше попладнево во финалето на Macedonian Open 2026. Ивановски го совлада Милев со 2-1 во сетови (6-4, 2-6, 7-5) за 2 часа и 42 минути игра, на задоволство на присутната публика на централниот терен на ТК „Југ“ во Скопје/
Во последниот сет, Милев во десеттиот гем на сервис на Ивановски имаше две меч топки, но македонскиот тенисер успеа да направи „кам-бек“ и до крајот на дуелот од 14 поени освои 12 и на тој начин се пласираше во финалето кое ќе се игра утре.
Во првиот сет Ивановски во седмиот гем направи брејк и поведе со 4:3, а потоа сетот го заврши со 6:4. Во следниот сет во првите три гема се водеше голема борба за секој поен, а двајцата тенисери во тие гемови имаа по три брејк топки, но немаше брејк. Во следниот гем Ивановски израмни откако гемот го доби без загубен поен, но по 2:2 во гемови Милев направи серија од четири гема и го доби сетот со 6:2.

Во решавачкиот сет, првата брејк-топка ја имаше Милев во шестиот гем, но Ивановски израмни на 3:3, а потоа успеа да спаси две меч топки и да стигне до второто финале во две недели или вкупно 11 во кариерата.
„Навистина е дека одиграв еден од најтешките мечеви во мојата кариера. Успеав да се вратам и да спасам две меч топки. Во план ми е да се вратам таму каде што бев и да се пласирам на грен слем турнир“, кусо по мечот изјави Ивановски.
Противник ќе му биде победникот во второто полуфинале меѓу Владислав Орлов од Украина и Стефан Поповиќ од Србија.
Пласман во финалето на двојки изборија и македонските тенисери Обрад Марковски и Горазд Србљак, кои во полуфиналето ги совладаа Николас Буена и Франциско Томас Гешвинд (Чиле/Аргентина) со 2-0 во сетови (7-5, 6-4) за 91 минута.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата