logo
logo
logo

Заев најави дека летово ќе пораснат давачките на граѓаните кон општините

Vecer | 19.02.2021

Заев најави дека летово ќе пораснат давачките на граѓаните кон општините

Владата и ЗЕЛС разговарале како да се обезбедат трајни одржливи поголеми извори на приходи за општините, но премиерот Зоран Заев рече дека такви одлуки не се носат за време на криза, бидејќи ќе значат повисоки давачки за граѓаните.

Тој верува дека во време на одмината криза, во текот на летото ќе може попрецизно да ги дефинираат давачките.

– Трипати поголем данок на имот ќе се плаќа на општините за неискористен објект или неставен во функција на развој, почнувајќи од државата. Ако државата одреден објект не го користи, не го изнајмува, не го става во функција на развој, трипати повеќе ќе плати данок на имот. Се дискутира многу често за градска рента, се дискутира многу често за зголемување на изворните приходи, како што е данокот на имот, фирмарините. Правиме паралели со европските земји членки кои се тие плус приходи што ги имаат општините ширум Европа и слично – изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање денеска по почетокот на реконструкцијата на кејот на Вардар.

Тој го спомена и земјоделското земјиште коешто ќе го оттуѓува државата преку кое се планира огромен процент да биде извор на приход за општините.

– Државата сака да го стави во функција на развојот, не го прави проектот заради приходи во државниот буџет. Токму овие големи приходи од 2 милиони хектари во државата, некои 200-300 илјади хектари со оттуѓување ќе значат 500-600 милиони евра пари, коишто континуирано низ месеци, низ полугодие ќе влегуваат во јавните каси. Голем процент сакаме да оди токму во општините – рече премиерот.

Други извори на приходи би биле казни или поголеми давачки за сите оние коишто не ги почитуваат законите.

Заев рече дека планот за градот Скопје и за скопските општини е да се развиваат кон периферијата и кон обиколницата.

– Тоа значи Визбегово лево и десно, позади касарната Илинден, во делот на Карпош од Илинденска кон север во Ѓорче Петров, исто така во Гази Баба, перифериите на Кисела Вода. Токму заради тоа што ние ветивме дека Скопје ќе продолжи да се гради, но со усул. Не мегаломански, не Скопје во кое ќе се блокира флуктуацијата на ветерот и воздухот, туку ќе се развиваат повеќе перифериите на градот, а овде токму заради тоа е донесен новиот Закон за просторно урбанистичко планирање којшто прво ја испраќа пораката дека нема повеќе паркинг надвор од парцела – рече Заев.

Тој порача дека паркингот мора да се реши во парцелата, а дека треба да се обезбеди не помалку од 20 отсто зелена површина на самата локација.

– Верувам дека ставивме корективи и механизми коишто го амортизираат мегаломанскиот апетит на инвеститорите, а од друга страна даваме можност и преку периферно градење на Скопје навистина да градиме главен град и понатаму којшто со усул ќе се гради – истакна Заев.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk