Премиерот Христијан Мицкоски, на свечената академија по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, предупреди дека нестабилноста во Европа и на Балканот може да се одрази и врз Македонија, притоа обвинувајќи дел од опозицијата дека е подготвен да учествува во политички провокации за лични интереси.
„Веќе Балканот не е единственото буре барут. Впрочем, Европа станува немирен вулкан. Сè помалку се слуша разумот, а секојдневно ги гледаме протестите, насилството во разни облици, присутни во Европа и кај нашите соседи“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека на Балканот службите никогаш не престануваат да работат и дека не би го изненадило доколку има обиди регионалните проблеми да се пренесат во Македонија.
„Нема да ме зачуди доколку има и такви кои ќе се обидат да нè вмешаат во нивните проблеми или да префрлат дел од нивниот амбиент во нашето секојдневие“, изјави премиерот.
Во тој контекст, Мицкоски упати обвинувања кон дел од опозицијата.
„Има неколкумина од опозицијата што за пари и лажни ветувања за фотелја чуда умеат да направат“, рече тој, повикувајќи ги граѓаните да не подлегнуваат на провокации, вештачки наметнати прашања и, како што ги нарече, хиперболизирани етнички теми.
Премиерот порача дека нема да дозволи, според неговите зборови, нечесни игри и политички авантури што би можеле да ја загрозат државата.
Во продолжението од обраќањето, Мицкоски зборуваше и за секојдневните проблеми на граѓаните, признавајќи дека многумина се соочуваат со финансиски тешкотии и неизвесност.
„Знам дека има граѓани кои се уморни од ветувања. Знам дека има луѓе кои работат чесно, а на крајот од месецот повторно пресметуваат што можат да платат, а што можат да одложат. Знам дека има родители кои се радуваат на успехот на своите деца, а во себе стравуваат дека тој успех ќе ги одведе некаде далеку од дома“, истакна премиерот.
Тој додаде дека носителите на јавни функции мора да покажат скромност и почит кон граѓаните, а нивната доверба да ја оправдуваат секојдневно.
Осврнувајќи се на резултатите од работењето на Владата, Мицкоски наведе дека во услови на голема енергетска криза се градат шест делници од автопати, два гасоводи и еден далекувод. Посочи и дека е пуштен во употреба реновиран студентски дом, додека се најавуваат дополнителни реконструкции на ученички и студентски домови.
Во говорот по повод празникот, премиерот се осврна и на историското значење на Гоце Делчев, порачувајќи дека неговото место во македонската историја не може да биде предмет на туѓо одобрување.
„Ниту еден притисок не може да го избрише Гоце Делчев од срцето на народот, затоа што Гоце е вткаен во нашата борба, во нашата слобода, во нашето постоење“, рече Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата