Десет години поминаа од едно од најразорните невремиња што ја погодија Македонија. На 6 август 2016 година, силно невреме со поројни врнежи, грмежи и силен ветер го погоди Скопскиот регион, оставајќи зад себе пустош, голема материјална штета и 22 загубени животи.
Невремето најпрвин го зафати Полошкиот регион, а потоа со најголема сила удри во Скопје и околните населени места. За само 24 часа во главниот град наврнаа 93 литри дожд на метар квадратен, а во првите два часа беа регистрирани повеќе од 800 молњи и громови.

Најпогодени беа североисточните делови од Скопје, каде водената стихија предизвика хаос во Стајковци, Сингелиќ, Смилковци, Црешево и Арачиново
Невремето предизвика големи поплави, материјална штета и човечки жртви. Според официјалните податоци, во Скопскиот регион животот го загубија 22 лица, а најголем дел од нив биле возрасни граѓани, меѓу кои и болни и изнемоштени лица. Најмладата жртва беше двегодишно дете.
На скопските клиники беа примени 22 повредени лица, а во текот на ноќта по невремето повеќе од 1.000 граѓани беа евакуирани. Голем број жители останаа без домови, а поплавите предизвикаа сериозни оштетувања на инфраструктурата и имотите.

По невремето, граѓаните се организираа преку социјалните мрежи и формираа пунктови за собирање и дистрибуција на помош за погодените семејства. Владата прогласи кризна состојба во Скопскиот и Тетовскиот регион во траење од 15 дена, а 8 август 2016 година беше прогласен за Ден на жалост на целата територија на државата.

Неколку дена по поплавите започнаа активности за расчистување и дезинфекција на домовите погодени од водата.
Скопскиот регион и денес го памети 6 август 2016 година како еден од најтешките денови во поновата историја, кога за само неколку часа силното невреме остави трајни последици врз илјадници граѓани.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата