logo
logo
logo

Пристигнаа првите вакцини „Синовак“, попладне останатите

Vecer | 27.06.2021

Пристигнаа првите вакцини „Синовак“, попладне останатите

Министерот за здравство Венко Филипче на својот Фејсбук-профил објави дека на скопскиот аеродром слетал првиот авион со вакцини од „Синовак“, а попладне се очекува да пристигне и остатокот.

– Првиот авион од вкупната пратка од 500.000 дози вакцини, што ги купивме од производителот Синовак слета утрово на скопскиот аеродром. Во текот на претпладневните часови се очекува да пристигнат и останатите количини. Благодарност до Народна Република Кина за заложбите да ја добиеме оваа поголема количина на вакцини и за точноста во испораката на истите, напиша Филипче на Фејсбук.

Филипче вчера на „Фејсбук“ објави и дека вакцината „Синовак“ е ефикасна, безбедна за користење и одобрена од Светската здравствена организација.

– Еве ги официјалните карактеристики на вакцината Синовак објавени од СЗО – Инкативиран САРС-Ков2 вирус, потребни се две дози, втората доза од 14-28 дена по првата доза, високо ефикасна за превенција на тешка болест, се дава мускулно во рамо, препорачана за употреба кај бремени жени кога придобивките од вакцинацијата за бремената жена се поголеми од потенцијалните ризици. Препорачана за употреба кај доилки како и кај други возрасни лица, напиша Филипче.

Со 500-те илјади вакцини од „Синовак“ и со 100.620 дози од вакцините „Фајзер“ набавени преку Ковакс системот, од утре почнува вакцинацијата на лицата кои изразиле желба да се вакцинираат. Министерството за здравство најави до 15 јули ќе бидат вакцинирани околу 462.211 граѓани пријавени преку веб-платформата vakcinacija.mk.

Вчера беа вакцинирани 8.792 граѓани, а вкупно се аплицирани 510.351 дози вакцини. Ревакцинирани се 214.571 граѓани.

Со последните бројки, 51 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина и 45 проценти над 65 години. Од граѓаните над 60 години, 38 отсто имаат примено барем една доза.

Масовната вакцинација се одвива во неколку градови во државата и тоа во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп. Министерството за здравство апелира до граѓаните масовно да се пријавуваат на сајтот vakcinacija.mk, како најлесен и најбрз пат да се вакцинираат против коронавирусот.

Епидемиолошката слика во земјава и натаму бележи позитивен тренд. Вчера не беше регистрирано ниту едно починато лице од Ковид-19. Беа евидентирани само шест новозаразени од направени 3.147 тестирања и четворица оздравени.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 155.669, бројката на оздравени пациенти е 149.950, на починати е 5.484, а бројот на активни случаи изнесува 235.

Најмногу активни случаи има во Скопје и тоа 88, потоа следува Куманово со 28, Тетово 22, Прилеп 18, Охрид 17, Кичево 16. Во 12 градови нема ниту еден активен случај, а во девет само по еден заразен со коронавирусот.

Досега во земјата се направени вкупно 870.380 тестирања на Ковид-19.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk