Денот на албанското знаме под засилени безбедносни мерки

ПРАЗНИК БЕЗ ИНЦИДЕНТИ ИЛИ ПОЛИЦИСКА РЕАКЦИЈА: Тошковски најави дека нема да има толеранција за нарушување на редот

Vecer | 27.11.2026

ПРАЗНИК БЕЗ ИНЦИДЕНТИ ИЛИ ПОЛИЦИСКА РЕАКЦИЈА: Тошковски најави дека нема да има толеранција за нарушување на редот
Додај го Вечер како твој извор на Google (се отвора во нов таб)

Министерството за внатрешни работи ќе биде максимално фокусирано на одржување на безбедноста и редот во државата и ќе ги преземе сите потребни мерки за заштита на граѓаните и безбедноста во сообраќајот – порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски честитајќи им го Денот на албанското знаме на граѓаните од албанската заедница.

Одговарајќи на новинарско прашање на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, Тошковски им посака на граѓаните празникот да го поминат во мирна и семејна атмосфера.

– Сакам прв да им го честитам Денот на албанското знаме на нашите сограѓани. Нека е за убаво, нека е за арно! Би сакал да им порачам да имаат убав ден, весел ден, да го поминат со своите најблиски и со своите фамилии – порача Тошковски.

Во врска со информациите и објавите на социјалните мрежи за можни инциденти за време на празнувањето, министерот нагласи дека полицијата е подготвена да одговори на сите предизвици.

Тој потенцира дека МВР нема да дозволи нарушување на јавниот ред и мир, ниту загрозување на безбедноста на учесниците во сообраќајот, потсетувајќи на инцидентите што се случувале за време на претходни прослави.

– Нема да дозволиме нарушување на сообраќајот и нарушување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Би ги замолил сите оние што ќе сакаат да си го прослават денот, да го направат тоа во согласност со сите пропишани протоколи во рамките на една нормална семејна убава атмосфера со своите најблиски, па и со оние што сметаат дека треба да го прослават – истакна Тошковски.

Денот на албанското знаме се празнува на 28 ноември, во чест на истот датум во 1912 година кога Исмаил Ќемали го истакнал црвено-црното знаме во Валона и ја прогласил независноста на Албанија од Отоманската Империја. Празникот го одбележуваат Албанците во Албанија, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и во дијаспората.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004- 2026. Vecer.mk