Кривична пријава против пет физички лица и две правни лица поднесе Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради сомневања за повеќе кривични дела.
Пријавените се сомничат за „Перење пари и други приноси од казниво дело“, „Измама“, „Фалсификување или уништување деловни книги“ и „Даночно затајување“, согласно Кривичниот законик.
Според Финансиската полиција, првопријавениот Д.К., како сопственик на правно лице од Скопје, во текот на 2022 година склучил договор со фирма од Словенија за купопродажба на железнички пруги во вредност од 21.667.680 денари.
На правното лице од Словенија, како што се наведува во пријавата, му биле уплатени 283.310 евра, односно 17.423.564 денари, како аванс. Сепак, договорената стока не била испорачана, а средствата не биле вратени, со што, според сомневањата на Финансиската полиција, била предизвикана штета во наведениот износ.
Потоа, со цел да се прикрие потеклото и локацијата на средствата, Д.К., заедно со Ф.Н., кој бил управител и овластен потписник на сметката на пријавеното правно лице, потпишале налог за трансфер на 16.762.410 денари кон правно лице од Штип.
Средствата, според пријавата, биле префрлени врз основа на фиктивна фактура за наводна набавка на пилешки нозе. Потоа, преку фиктивен договор за цесија, парите биле префрлени на сметката на Х.Р.
Финансиската полиција наведува дека Ф.М., во својство на овластен сметководител, не ја евидентирала Х.Р. како нов доверител, а трансакциите дополнително биле прикриени преку сметководствени евиденции. Средствата биле заведени како негативни книжења на картичката на купувачот, а трансакциите не биле прикажани ниту во Даночниот биланс за 2022 година.
Во шемата, според сомневањата, била вклучена и Д.М., како овластен потписник на сметката на правното лице од Штип. Таа непосредно по уплатата по фиктивната фактура реализирала електронски налог со кој средствата биле префрлени на сметката на Х.Р.
Од таа сметка, како што наведува Финансиската полиција, Д.К., како овластено лице, средствата ги конвертирал во девизи, по што дел биле подигнати во готово, а дел биле искористени за купување возило.
Дополнително, Ф.Н., како управител на правното лице од Скопје, во текот на 2022 година не го уплатил персоналниот данок на доход во износ од 1.885.370 денари за исплатените средства кон Х.Р. Согласно пријавата, Х.Р. не го пријавила ниту остварениот приход во Годишната даночна пријава за персонален данок на доход за 2022 година.
Од Финансиската полиција посочуваат дека кривичната пријава е поднесена поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата