Македонија враќа дел од импозантната ограда долга половина километар што се наоѓала околу Собранието на Србија, а која во времето на Јосип Броз Тито, била отстранета и однесена. Оградата, која српските историчари на уметност ја опишуваат како „волшебна“ и за која 65 години не било познато каде се наоѓа, градоначалникот на Охрид ќе ја врати во Белград на 10 јуни, пишува српски „Блиц“.

Чаршиските муабети од поранешна Југославија биле дека тогашните раководители во Словенија и Хрватска во тоа време сакале делови од оградата со која ги опколиле своите викенд-куќи. Дел бил пренесен во Охрид околу вилата „Билјана“, која ја користел Тито, а ја посетиле и користеле многу светски државници и политичари како Бан Ки-мун, Леонид Кучма, Сергеј Лавров и Жозе Мануел Баросо.

По 5-ти октомври. бидејќи беше потребно да се реконструираат делови од Собранието, додека беа побарани нацртите, беа пронајдени скици на оградата, за кои повеќето од нас дури и не знаеја дека постојат. Сепак, не беше познато каде е оградата. Беше целосно непознато, изјавил за „Блиц“, претседателот на српското Собрание, Ивица Дачиќ.

Тој додава дека не било лесно да се соберат делови од оградата бидејќи немало документи во собраниската документација и во архивите што би сведочеле за тоа. Оградата се пребаруваше многу години и се открило дека едниот дел е во Македонија.

Кога министерот за надворешни работи на Македонија беше во посета, го замолив да праша каде е, практично, нашата парламентарна зграда. Ми рекоа дека оградата е околу вилата „Билјана“ и дека се подготвени да ја вратат. Неа ќе ја донесе градоначалникот на Охрид. Тоа е навистина прекрасен пријателски гест и знак на добрососедски односи – вели шефот на српскиот парламент.

Иницијативата за враќање на оградата веднаш била протолкувана во Србија како намера да се загради Собранието од идните демонстрации.

Прво, не е можно да се состави целата ограда. Идејата е повеќе да се постави како изложба делот донесен од Македонците за да можат нашите граѓани да видат како изгледаше делот околу Собранието. Тој дел од оградата сведочи за историјата на одреден начин – вели Дачиќ.