Новиот систем за административните службеници предвидува и награди за успешните, но и санкции за оние кои не ги исполнуваат работните обврски, најави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Во гостувањето во „Ноќно студио“ на 4ТВ, Минчев рече дека новите законски решенија треба да воспостават поголема одговорност кај вработените во јавниот сектор.
Тој посочи дека се предвидуваат индивидуални награди и додатоци за одредени категории вработени, меѓу кои и оние ангажирани во процесот на преговори со Европската Унија и оние поврзани со европските фондови.
„Предвидени се и казни“, рече Минчев, додавајќи дека досегашните законски решенија во голема мера ги штителе вработените во јавниот сектор.
Според него, новиот систем треба да воспостави баланс меѓу заштитата на правата на вработените и нивната обврска да ги исполнуваат работните задачи.
Тој најави и можност за побрзи дисциплински мерки, како и промени во хиерархиското напредување во институциите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата